Прв кластер на заболени од Ковид 19 во Вевчани. Пет работнички од текстилна фабрика се позитивни на вирусот, а се заразиле од колешка која со симптоми и заразен член во фамилијата неприкинато одела на работа и ги криела симптомите, пишува „ТВ 24“.
Несовесноста на вработената сега става во опасност уште 35 други вработени, а бидејќи станува збор за голем број на контакти, извесно е дека бројот на заболени од овој кластер ќе расте. Во ситуацијата е добро тоа што сите досега заболени се со лесна клиничка слика, но фабриката продолжила да работи и после дијагностицирањето на заболените иако указ за затворање добила и од Центарот за јавно здравје и од санитарниот инспекторат.
Градоначалникот на Вевчани вели ситуацијата со овој кластер се следи, но е алармантна од причина што фабриката продолжила да работи и покрај тоа што менаџментот бил известен и свесен дека во погоните постои кластер на заболени кои контактирале и со други вработени.
Од Центарот за јавно здравје-Охрид информираат дека сите останати вработени кои ќе пријават симптоми ќе бидат тестирани, а сите контакти на досега позитивните лица се ставени во изолација.
Извори од селото за ТВ24 даваат различни информации, дека во фабриката се носела заштитна опрема и се почитувале здравствените протоколи, а други пак дека воопшто не се водело грижа за здравствената безбедност на вработените. Лекарите велат дека инспекторатите треба детално да ги проверат таквите информации и согласно исказите да постапат.