Македонија 15. ноември 2019. / 14:41

Контурите на нашата нова геополитичка реалност

Контурите на нашата нова геополитичка реалност

Нималку не е случајно што иницијативата за „мини-шенген“ дојде кратко по француското „НЕ“ за почеток на преговорите со ЕУ за Македонија и Албанија. Уште помалку е случајност тоа што од тогаш па наваму од официјална Софија има целосна тишини во однос на отворените прашања со нашата земја. Ова значи само едно – на нашите простори се наметнува нова геополитичка реалност.

пишува: Љупчо ЗЛАТЕВ

Сакале ние да прифатиме или не, по се изгледа во оваа нова реалност ќе доминира влијанието на соседна Србија. Прво, поради тоа што таа е најголема земја во регионот, второ затоа што е земја со најдолга институционална традиција и е највмрежена со Европа.

Затоа бугарите ги нема, едноставно големите сили одлучија дека регионалната сила која овде ќе ги креира односите е сосем друга. Веќе немаат ни со што да не уценуваат, нашето членство во ЕУ воопшто не зависи од нив.

Ова се чини влегува и во планот на францускиот претседател Емануел Макрон за реформа на Европската Унија кој се изгледа ќе значи своевиден супститут на ЕУ на неколку „мини унии“.

Кои ќе бидат новите целини, во овој момент не знаат ни креаторите на оваа идеја, но се чини дека овде освен од нашиот мини-шенген кој практично значи „Балканска унија на нефункцонални држави“, силно влијание ќе има и од Вишеградската група која веќе оддамна ги црта своите контури на „унија во склоп на унијата“.

Ваквата нова реалност беше поздравена и од Соединетите Американски Држави на кои најмногу им одговара „сецкање“ на ЕУ, затоа што тоа значи ослабнување на геополитичката и финанска моќ на Германија. Токму од овде доаѓаат и крилата на Макрон. Франција практично веќе почна да ја конторолира касата на ЕУ преку нивната Кристин Лагард.

Германија доби најмногу (во форма на моќ и пари) од досегашниот концепт за ЕУ, затоа Велика Британија излезе а Франција сега дебело сака да ја реформира унијата и на последните избори во ЕУ успеа да ја наметне својата доктрина.

САД веќе подолго време своите бази од Германија ги сели во Полска, оваа не е ни малку случајно. Не е само штитење од Русија, туку пронаоѓање на свој главен партнер во Вишеградската група.

За многумина е поразително што повторно нашите очи ќе бидат вперени во Белград, но очигледно Вучиќ добро се испазарил кога го продавал Косово. За разлика од нас, каде бизнисите на семејството на премиерот Заев беа единствена награда за промената на името.

Да, колку е голема разликата во пристапот на Макрон, говори и тоа што тој отиде во посета на Белград и таму држеше 30 минутен говор на српски јазик пред 30.000 присутни, а на нашиот Заев веќе 5 месеци му удира корпа за било каква заедничка средба или посета.

Новата реалност е дека Александар Вучиќ можеби нема да биде новиот Тито, но ќе биде убедливо највлијателна фигура на Балканот. Ова по се изгледа ќе значи и крај за владата на Зоран Заев која директно водеше операции за рушење на Вучиќ преку советникот Башановиќ, а нашиот премиер јавно го навредуваше српскиот претседател нарекувајќи го „националист“ во своите интервјуа за српските телевизии.

„Дошло време да се срби свете“, вака сега коментираат најблиските соработници на Вучиќ кога е во прашање нашиот премиер Зоран Заев. Сега уфилманоста на ситниот струмичанец ќе му се удри од глава. Сакаше да менува влади во соседството? Мало сутра! Сега ќе ти се врати бумерангот!