Од Горно Лисиче вечерва тргна традиционалниот коњички марш „Илинденски марш 2018“ што треба да заврши на 2 август во Крушево, каде што треба да се приклучат на прославата на најголемиот македонски национален празник – Илинден. Во црквата „Св. Петар и Павле“ се одржа свечена литургија по што беа испратени 24 коњаници, кои учествуваат на јубилејниот 40-ти коњички марш организиран од Здружението на граѓани од Горно Лисиче „Илинденски марш 1978“.
Претседателот Ѓорге Иванов порача дека како и Крушевската Република, така и овој Илинденски марш е автентичен израз на македонскиот стремеж за слобода.
„Овој Илинденски марш на најавтентичен начин симболизира една голема вистина, дека никој и ништо не може да го запре нескротливиот марш кон слободата. Никој и ништо не може да ги спречи коњаниците од цела Македонија достоинствено да се упатат кон Крушево, кон нашата прва Република“, рече Иванов.
Тој ги повика македонските граѓани да дојдат во поголем број во Крушево. Иванов на организаторите на коњичкиот марш им го додели признанието „Повелба на Република Македонија“, која се доделува по повод 40 години од организирањето на традиционалната манифестација, за исклучителен придонес за негување на културното наследство и вредности поврзани со чествувањето на Илинденското востание.