Македонија 04. јули 2018. / 09:41

Конечно: Се намалуваат патните трошоци на пратениците

Конечно: Се намалуваат патните трошоци на пратениците

За 33 отсто се намалува надоместокот за патни трошоци за пратениците од внатрешноста, објави „Независен.мк“.

На дневен ред на денешната седница на Комисијата за политички систем се измените на законот за пратеници, по предлог на пратеничката група на СДСМ. Со овие измени надоместокот за патни трошоци се намалува за десет процентни поени. Така, наместо надоместок од 30 проценти од продажната цена на еден литар гориво, според изминат километар, пратениците сега ќе добиваат надомест во висина до 20 проценти.

Претседателот на Комисијата за политички систем, Александар Кирацоски најави дека на денешната седница ќе биде предложен амандман преку кој ќе им се даде можност на пратениците кои живеат надвор од Скопје да изберат дали сакаат постојано да патуваат или да земат стан под закуп во Скопје. Доколку тие изберат да закупат стан, тогаш ќе имаат право на надоместок за само четири патувања месечно од и до нивното место на живеење, за да може да контактираат со гласачите.

Првично намерата беше надоместокот за патни трошоци на пратениците да се преполови, односно да се сведе на 15 проценти од продажната цена за литар гориво според изминат километар.

Сепак, последните информации се дека кратењето на трошоците за патувањата на пратениците ќе биде за 33 отсто, односно дека и во одлуката на Комисијата за избори и именувања ќе остане намалувањето на 20 отсто – веројатно како компромисно решение на СДСМ со другите пратенички групи.

Проценките во парламентот се дека на овој начин значително ќе се намали одливот на средства од буџетот за намирување на патните трошоци на народните избраници. Така, на пример, пратеник од Струмица, кој дневно ќе помине 320 километри до Скопје и назад, сега, наместо околу 7.200 денари, ќе добие надоместок од околу 4.800 денари. Или пратеник кој живее на 100 километри оддалеченост од главниот град, сега ќе добие надоместок од 300 илјади денари за патувањето до парламентот и во обратен правец, што е за околу 1.500 денари помалку од сумата што сега ја добива.

Според Законот за пратеници, односно членот 31 што сега се менува, пратеникот, покрај редовните месечни примања кои изнесуваат не помалку од 80 илјади денари (во зависност од тоа дали раководи со комисија или е координатор на пратеничка група), има право на други лични примања и на надоместоци на трошоци. Пратеникот има право на надомест за: селење од местото на постојано живеалиште во местото каде што ја врши функцијата пратеник; стручно усовршување и образование; погребни трошоци во висина на просекот на двете последни плати на починатиот пратеник; дневница за службено патување во земјата без трошоци за ноќевање до 4 отсто од просечната плата по работник исплатена во стопанството на Македонија во претходните три месеци; трошоци за ноќевање кои се признаваат според приложената сметка, освен во хотели од делукс-категорија; дневница за службено патување во странство; надоместок за одвоен живот од семејството, кој изнесува 30 отсто од просечната плата во земјата; отпремнина при заминување во пензија во износ од две просечни месечни плати остварени во претходните три месеца. Овој пат, единствено, се интервенира во ставот кој го регулира надоместокот за користење на автомобили во лична сопственост за службени цели.