Македонија 02. март 2019. / 12:00

Комунална хигиена: Граѓаните да имаат поголема свест, со цел главниот град да биде поубав и позаштитен

Комунална хигиена: Граѓаните да имаат поголема свест, со цел главниот град да биде поубав и позаштитен

ЈП „Комунална хигиена“-Скопје испрати апел со кој порачува граѓаните да имаат поголема свест, со цел главниот град да биде поубав и позаштитен.

„Екипите на ЈП „Комунална хигиена“-Скопје седум пати во неделата, во три  смени, го собираат и го транспортираат комуналниот отпад од скопските домаќинства и стопанските субјекти и истовремено ја одржуваат хигиената на јавните и сообраќајни површини, што подразбира нивно метење и миење.  И покрај фактот што тоа не е наша примарна обврска, секојдневно расчистуваме диви депонии коишто настануваат како резултат на несовесното однесување на граѓаните. Неодамна влеговме и во дворовите на студентските домови и училиштата, каде што расчистивме огромни
количества наталожен отпад, сѐ со цел цел хигиената и чистотата во градот да се подигне на највисокото можно ниво.

Но, ниту една наша активност не е доволна без вашата поддршка!

Доколку граѓаните својот стар мебел го одлагаат насекаде,  градежниот  отпад го исфрлаат на јавните површини и свесно ги опожаруваат  контејнерите, градот Скопје никогаш нема да стане достоинствено место за живеење.

ЈП „Комунална хигиена“-Скопје апелира до граѓаните правилно да го  одлагаат својот отпад, да не создаваат диви депонии коишто ја загадуваат животната околина, да не ги уништуваат садовите наменети за одлагање на отпадот и на тој начин да ја заштитат и  сочуваат чистотата и убавината на своето и нашето Скопје.“, велат од ЈП „Комунална хигиена“.