Македонија 14. септември 2019. / 21:59

Комисијата за надзор на работата на ОТА се уште е без технички експерт

Комисијата за надзор на работата на ОТА се уште е без технички експерт

Правните нејаснотии ја оставија на половина постапката за ангажирање двајца експерти од Комисијата за надзор на работата на ОТА. Првиот човек на Комисијата, Емил Димитриев, за Алсат објаснува дека во парламентарна процедура заглавиле законските измени со кои би се регулирало прашањето за надомест за првиот стручњак кој веќе е избран. Поради ова се смета дека на конкурсот за втор експерт не се пријавил ниту еден кандидат.

Вториот експерт се бара да биде Албанец и да има завршено компјутерски науки. Обајцата се очекува да добијат просечна месечна плата. Членовите на парламентарната комисија придружувани од двајцата експерти ќе треба да контролираат дали ОТА работи законски и дали евентуално има незаконски прислушувања. Сепак, според Димитриев, со сегашните овластувања што ги има комисијата, може само да потврди дали телефонските броеви што во моментот се прислушуваат одговара на судските налози.

Реформите во безбедносните служби, вклучително и работата на ОТА и ангажманот на експерти, добија внимание во извештајот на ЕК за земјата.

ОТА започна со работа во ноември минатата година. Оваа институција е посредник за сигналот помеѓу мобилниот оператор и институцијата која бара мерка за прислушување.