Вицепремиерот Бујар Османи, кој е главен координатор на кризните штабови на општините за справување со Ковид-19, очекува утре на седница на Влада да се донесе одлука за олеснување на мерките за одредени сегменти кои се помалку ризични.
Според направената анализа, Комисијата за заразни болести смета дека веќе има услови делумно да се олеснат мерките во одредени сегменти и тој предлог на Комисијата утре ќе се разгледа на седница на Влада доколку до утре драматично не се влоши состојбата – изјави Османи.
Во гостување на „ТВ24“ Османи истакна дека поместувањето на одлуките за олеснување на мерките се должи на последователно зголемување на процентот на заразени, во два дена 10 отсто од вкупниот број тестирани, а денеска 15 проценти.
Османи истакна дека чувствува оти луѓето почнален да се олабавуваат во придржувањето кон мерките, особено откако почнале да слушаат дека почнало да се разговара за политика.
Според сите параметри, не е поминат ризикот и треба да се биде внимателен. Мислам дека не е подобра ситуацијата од пред неколку недели и месеци. Под контрола е, но не треба да потфрлиме сега кога се гледа светлото во тунелот. Да издржиме уште малку – порача Османи.