Малку пред изборот на старо-новата Влада, во земјата се случија два инцидента. Во првиот, кај еден директор на скопско јавно претпријатие беа пронајдени кесички со кокаин, па тој беше експресно сменет од сдвојата функција. Во вториот, пак, граѓанин на наш туристички центар се пожали дека локален насилник физички го нападнал и оти му вперил пиштол на неговиот 14-годишен син. Само малку потоа, истиот се предомисли, па излезе дека се му се причинило. Но, двата настана можат да се земат како симболи на старо-новото парламентарно мнозинство и старо-новата власт и Влада. Да, кокаин и пиштол.
Предраг ДИМИТРОВСКИ
По парламентарните избори во јули, Република Македонија ја доби старо-новата Влада и старо-новиот премиер Зоран Заев. Со тоа, по Бранко Црвенковски, Заев станува вториот политичар во самостојна Македонија, кој успеал да се врати на премиерската позиција.
И додека трае победничката еуфорија на старо-новата владејачка коалиција, преземањето на функциите, приемот кај шефот на државата Стево Пендаровски, мора да се каже дека народот добива таква власт каква што заслужува. Каква глава, таква капа. Јас само би додал-нека ни е Господ на помош! Не, не заради старо-новата власт и старо-новиот премиер Зоран Заев. Добро ни се познати, зашто се веќе добро прочитана книга. Особено чесниот, угледен и достоинствен премиер, кој додека е жив, додека не му ја чепкаат македонската жица во него, додека…нема да дозволи… Туку поради предизвиците, што не очекуваат на здравствен, економски, политички и на секој друг општествен и државен план.
Зашто, старо-новата власт може цел народ да го лаже краток период, дел од народот цело време, ама нема да може целиот народ да го лаже цело време. Уште помалку ЕУ и САД и меѓународната заедница во целина и нивните претставници во Македонија.
Во центарот на вниманието на целиот постизборен период, особено во провладините медиуми, се наоѓаше обидот на старо-новата власт да се ребрендира. Приказната започна од шефот на државата Стево Пендаровски, кој навести дека новите министри треба да бидат без никакви криминални и корупциски дамки, зашто само како такви можат да успеат на патот на евроинтегративниот процес. А, ја продолжија старо-новите коалициони партнери од власта со постојано укажување дека новиот владин кабинет ќе се одликува, пред се, со чесност и одговорност. Па, синоќа дури, премиерот Заев ни понуди и сон! Не обичен, туку сличен на оној американскиот, само граѓански, македонски сон! Сон во кој Македонија ќе биде земја на среќни граѓани, а тие како влада и власт ќе треба нивните соништа да ги направат јаве.
Мора да се признае дека сето ова убаво звучи за секое човечко уво. И не верувам дека постои некој, кој сонува и кој нема да сака неговиот сон еден ден да се претвори во јаве. Само прашање е колку време ќе треба сонот да стане јаве и од кого доаѓа таквото ветување.
Е, сега, ако ребрендирањето на старо-новата власт треба да се изведе само со игра на зборови, тогаш ништо од тоа. Не заради друго, туку поради фактот дека чесноста и одговорноста не минуваат барем кај половината членови на старо-новиот Владин кабинет. И ова според значењето на зборовите чесност и одговорност.
Чесност како именка има, пред се, значење на морална исправност. За каква морална и етичка исправност може да се говори ако некој е трипати аболициран, ако некој си плаќал кирија самиот на себе, ако некој си обезбедил стипендија за својата ќерка, ако некој си земал државни пари за своите приватни компании, ако некој неконтролирано делел државно земјоделско земјиште, ако некој на врвот на својата моќ го поставил непотизмот, ако некој имал селективен пристап во изборот на кадри во безбедносните служби, ако некој има невенчан сопруг, а тој добива милионски тендери, ако некој отвара граници во време на пандемија за поголем број гласачи, ако некој… Тредба да набројувам уште? Слободно кажете ако треба, нема проблем, листата за набројуавње е предолга, ама кратка е листата на морално и етички чисти кадри, кои влергуваат во составот на старо-новата Влада.
Кога станува збор за именката одговорност, пак, клучни се две нејзини значења. Првото, дека означува обврска за совесно и добро извршување на примената должност и второто е, да се признае вината за направена грешка.
За каква одговорност може да стане збор, на пример, кај бившиот и новиот, актуелен министер за здравство?! Според неговите предвидувања на почетокот на пандемијата со корона вирусот, во Македонија се очекуваше бројка од 2.000 заболени лица. Шест месеци подоцна, трагичните резултати покажуваат дека бројот на заболени од Ковид-19 во Македонија е над 12.000 лица или шест пати повеќе од предвидувањата на министерот за здравство. Еве, нема да го споменам бројот на починатите, иако тој, ни случајно, не е за занемарување. Клучното прашање, што се поставува, е врз основа на кои прогнози министерот за здравство ги правел сите планови за потребите на соодветните здравтсвени установи? И за ваква утка сега ќе говориме за одговорност? Не, не, не минува такво нешто. Не министер, па точно и премиер да го ставеа тешко ќе можеше да се проголта.
Да ја споменам сега веќе бившата министерка за финансии? Или повторно да набројувам други примери? И тука ги има многу, па подобро е да молчам, иако не можам да прифатам игра на кратко паметење.
Малку пред изгласувањето на старо-новата Влада во Собранието, од дома бил донесен еден од пратениците од старо-новото парламентарно мнозинство. И под посебни здравствени протоколи, тој гласал од посебна просторија. Ова само уште еднаш потврдува дека парламентарното мнозинство е на стаклени нозе, наспроти прокламираниот оптимизам за целосно завршување на четиригодишниот мандат.
Значи, сега во Собранието се наметнува прашањето кој ќе му го обезбедува кворумот на старо-новото владејачко парламентарно мнозинство за секоја собраниска седница? Според сите досегашни анкети, лидерите на владејачките ДУИ и ДПА, Али Ахмети и Мендух Тачи, досега важеа за најнередовни пратеници, односно имаа по најголем број оправдани отсуства од седниците. Пусти бројки, кој ли им го наруши комодитетот, па сега ќе мораат да се појавуваат барем за обезбедување кворум и почнување на собраниските седници. До кога ќе може така да функционираат, останува да се види, иако нема многу простор за оптимизам.
Како и да е, без сигурно мнозинство барем за кворум во Собранието и со лажно ребрендирани старо-нови министри, старо-новата Влада ја чека тешка работа.