Македонија 16. март 2020. / 13:21

Клиниката за психијатрија отвара линија за помош за лицата во самоизолација од корона вирус

Клиниката за психијатрија отвара линија за помош за лицата во самоизолација од корона вирус

ЈЗУ Универзитетската клиника за психијатрија – Скопје,  по новонастанатата ситуација со Ковид-19, од утре во периодот од девет до 16 часот воведува телефонска психолошка поддршка за граѓаните и ранливите групи на пациенти на кои им е потребна таква помош.

Психолошка поддршка на родители на деца на предучилишна и училишна возраст  ќе биде достапна на телефонскиот број  072 912 676,  на возрасни лица во самоизолација на телефонот 072919009, а на граѓаните на општина Дебар и општина Центар Жупа, во соработка со Општа Болница Дебар на бројот 070 241 807.

Од Универзитетската клиника за психијатрија истакнуваат дека пациентите закажани во Мој Термин за психолошко советување и психотерапија во закажаниот термин ќе бидат контактирани од страна на психолог и ќе се спроведуваат телефонски, со можност за видео врска на некоја од интернет мрежите (по договор).

Психолошка поддршка на хоспитализирани пациенти поради Ковид-19 ќе се обезбеди во соработка со ЈЗУ Универзитетска клиника за инфективни болести и фебрилни состојби.

Во државава се регистрирани 18 позитивни случаи на коронавирус, а во тек е тестирање на седум лица. За состојбата со коронавирусот попладне ќе расправа Советот за национална безбедност. Веќе е прогласена кризна состојба на територијата на општините Дебар и Центар Жупа