Македонија 17. септември 2020. / 14:23

Ќе се зголемуваат инспекциските контроли во Струмица, по растот на новозаболени

Ќе се зголемуваат инспекциските контроли  во Струмица, по растот на новозаболени

Нема простор за паника, но има простор за подигање на алармот, бидејќи Струмица долго време беше една од општините која имаше релативно мал број позитивни пациенти и можеби тоа даде една комоција за полежерно однесување и непочитување на мерките за заштита, оцени градоначалникот на Струмица, Коста Јаневски по денешниот координативен состанок, на кој учествуваа претставници на повеќе државни органи и институции.

Тој потсети дека мерките за заштита се уште се на сила и дека се многу важни во превенцијата од зголемување на бројот на новозаразени.

Заклучивме да се зголеми присуството на инспекциите и да се користат сите механизми за предупредување и примена на репресивните мерки, па и казни, кон сите што не ги почитуваат мерките за заштита. Во моментот тоа е единствено ефикасно оружје кое што треба да го употребиме. Ќе има и разговори со одредени целни групи, бидејќи загрижува фактот што најголем процент на новозаразени наши сограѓани се на возраст од 15 до 30 години. Сограѓани, кои во принцип, се најмобилни и коишто заради возраста или начинот на живот се најприсутни во тие објекти каде има групирање и во кои можеби се заборава на мерките и на подисциплинираното придржување кон мерките, информираше градоначалникот Јаневски.

Во последните денови во Струмица секојдневно се бележи зголемен број заразени од Ковид-19. Вчера беа регистрирани 18 нови случаи, а денес е регистриран и случај на заразено дете од струмичката градинка, додека во последните два дена починаа тројца.