Македонија 13. април 2020. / 17:20

Ќе се тестираат до 30 отсто од жителите на Дебар за да се открие дали стекнале имунитет на Ковид-19

Ќе се тестираат до 30 отсто од жителите на Дебар за да се открие дали стекнале имунитет на Ковид-19

Дваесет до триесет отсто од жителите на Дебар ќе бидат тестирани за да се открие дали стекнале имунитет на коронавирусот, извести денес министерот за здравство, Венко Филипче. За ваков скрининг на населението епидемилозите се одлучиле поради тоа што Дебар повеќе нема новозаболени од коронавирусот.

„Со оглед на тоа што во Министерството добивме донација од 20.000 теста за дијагностика на антитела и со оглед на тоа што ситуацијата во Дебар е таква што веќе во тој регион немаме новодијагностицирани пациенти, сите пациенти закрепнуваат, ги чекаме и вторите тестови за да се види дали се негативизирани, ќе направиме еден скрининг во бројка од дваесет до триесет отсто од вкупното население во регионите во кои досега имаше мерки за рестрикција на движење воведени уште пред вонредната состојба. Со ова сакаме да се процени имунитетот што ќе биде одличен пример за тоа што би можеле да очекуваме и на ниво на целата држава“, рече министерот Филипче.

Вакви тестирања на населението министерот најави дека ќе се прават и во други делови од земјата во согласност со времето на епидемијата и во согласност со движењето на епидемиолошката крива.

Дебар и Центар Жупа се во карантин од 14 март кога епидемилозите утврдија дека вирусот се пренесува локално. Според евиденцијата на Центарот за управување со кризи, во Дебар во моментот има 49 заразени, од кои најголем број чекаат резултати од контролно тестирање. По прогласениот карантин, во Дебар имаше четири смртни случаи на заболени од коронавирус.