Македонија 05. декември 2019. / 14:21

Ќе се одбележуваат 75 години од победата над фашизмот: Тргна ли Собранието против Бојко Борисов?

Ќе се одбележуваат 75 години од победата над фашизмот: Тргна ли Собранието против Бојко Борисов?

Собраниската комисија за култура на денешната седница ја усвои прелог-програмата за одбележување јубилеи на значајни настани и истакнати личности во 2020 година. Меѓу 63-те годишни што се предложени за одбележување се наоѓа и одбележувањето на 75 години од победата над фашизмот.

Убав јубилеј и убав повод, но дали точно ќе се знае кој фашизам и кој окупатор бил победен во Република Македонија? Зашто, ако станува збор само за фашистичка Германија, тогаш ќе се има отворен селективен пристап. А, од друга страна, бугарскиот премиер Бојко Борисов на последната средба на Европската народна партија испрати јасна порака до македонските политичари дека ако „Северна Македонија сака да стане членка на ЕУ и НАТО треба да заборави на антибугарската реторика“.

-Ние не сме биле окупатор на никого. Фашизмот ја преплавил тогаш цела Европа и таква етикета да и се лепи на Бугарија никогаш нема да дозволам. Читањето на историјата е такво, какво што историчарите го кажале и какво што ние со векови сме го перцепирале. Ако сакаат да одат напред, јасни се европските перспективи и вредностите, што ги споделуваме и таа е една од нив. Тоа го слушнале од мене не само на таканаречените двострани средби, туку и пред раководството на проширениот состав на раководството на ЕНП синоќа. Уште еднаш го повторив во нивно присуство и направив тоа да го декларираат. Така што од сега, па натаму се надевам да биде почитувано, коментираше Борисов.

Сега отворено се поставува прашањето дали Собранието тргна отворено против бугарскиот премиер, кој се претставува како најголем поборник за приближувањето на Македонија кон НАТО и ЕУ?