Македонија 07. јули 2020. / 15:21

Ќе може да се гласа и со истечени патни исправи

Ќе може да се гласа и со истечени патни исправи

ДИК информира дека на претстојните избори на 15 јули граѓаните ќе може да гласаат и со истечен пасош имајќи предвид дека тие ќе имаат важност до 30 јули.

Членот на ДИК, Борис Кондарко, информира дека на гласање граѓаните нема да смеат да одат со маски на кои што ќе има амблеми на политички партии, бидејќи тоа ќе се третира како агитирање на избирачкото место што е забрането со закон.

Елизабета Постолоска член на ВМРО-ДПМНЕ и Дитмире Шеху потпретседателка на ДИК и член на Комисијата предложена од ДУИ, побараа дополнување на дневниот ред на седницата, односно менување на упатството на ДИК за гласање на лицата со Ковид-19 и во самоизолација.

Постолоска побара нова точка на дневен ред односно менување на упатството за гласање за овие лица, за да се овозможи за гласање да се пријават лица со позитивен тест со Ковид-19 кои не добиле решение од Државниот здравствен и санитарен инспекторат.

Таа предложи, како доказ дека се позитивни на Ковид-19 овие лица да можат до Комисијата, односно до ОИК да го достават резултатот од тестот.

Ова не беше прифатено од страна на членовите на ДИК предложени од СДСМ Кондарко и Јанаќе Витанов кои сметаат дека на ден пред завршување на рокот на пријавување на овие лица не може да се менува упатство за гласање на лицата со Ковид-19 и во самоизолација.

Предлогот за менување на ова упатство односно додавање на рокот за пријавување на гласање на лицата со Ковид-19 и во самоизолација или во карантин завршува утре на полноќ. Освен со полномошник. Тие ќе можат да се пријават за гласање и преку апликацијата за пријавување за гласање на овие лица поставена на веб страната на ДИК https://izolacija.sec.mk/.

ДИК на седницата вршеше и избор на нови членови на местата на оние лица кои барале изземање од ОИК или од избирачките одбори.

До ДИК има пристигнато голем број барања за изземање од здравствените работници кои ќе бидат ангажирани на 13 јули за гласањето на лицата со Ковид и во самоизолација. Во овие посебни избирачки одбори се избрани 300 здравствени работници. Имало 80 оправдани барања за изземање и 20 неоправдани.

Членот на ДИК, Елизабета Постолоска, како што рече, ги замолува здравствените работници на разбирање, додавајќи дека сите сме свесни колку се тие на удар и ангажирани последниве месеци поради пандемијата со Ковид-19.