Кинеската амбасада во Македонија денеска донираше 1.930.000 денари (околу 30.000 евра) на Министерството за здравство за справување со пандемијата со корона вирусот. Како што беше соопштено, средствата се собрани од страна на амбасадата, а наскоро се очекува во земјава да пристигне и донацијата од кинеската Влада.
Донацијата е подготвена, само треба да се договорат техничките детали околу преносот. Кога Кина ги преживуваше најтешките моменти, вашиот претседател и Министерството изразија голема поддршка. Затоа сега е момент да направиме нешто и ние за Вас, истакна кинескиот амбасадор Џанг Ѕуо, кој лично му ја врачи донацијата на министерот за здравство Венко Филипче.
Министерот изрази благодарност за донацијата и рече дека би било добро да разменат искуства со кинески епидемиолози и инфектолози, бидејќи вирусот во Кина е веќе во една поодмината фаза.
На денешната кратка средба беше разговарано и за организирање на видеоконференција која би се одржала на почетокот на мај, а на која е поканет министерот Филипче лично од директорот на Државниот совет на јавно здравје во Кина.