Комисијата за транспорт и врски на 11-тата седница ги усвои предлозите за измена на Законот за води и Законот за заштита на природата и двата во прво читање. Измените на законите се прават со цел усогласување со Законот за прекршоци, како и Законот за инспекциски надзор.
Претставникот на предлагачот, Каја Шукова, државен секретар во Министерството за животна средина и просторно планирање, истакна дека со измените се зголемуваат казните за прекршителите.
– Она на што е карактеристично и треба да се напомне е дека кај другите закони се намалија глобите, а во областа на животната средина тие се зголемија и тоа за 20 пати. Согласно измените, највисоката казна која може да се изрече е во висина од 200.000 евра. За правните лица може да се изрече и опомена, привремена забрана за вршење на дејност и забрана за добивање субвенции и други средства до три години, истакна Шукова.
Ако прекршителот е физичко лице, со измените на законот, може да му се забрани вршење на определена професија, дејност или должност од страна на прекршочен орган во траење од 3 до 30 дена, а суд најдолго до една година.
Шукова истакна дека е направена измена и во однос на одговорниот орган кој може да изрече санкции во зависност од висината на глобата.
-Прекршочна комисија може да изрече глоба до 1.000 евра и да забрани вршење на дејност до 30 дена, објасни таа.