Шефицата на СЈО Катица Јанева трет ден не се појавила на работното место во Специјалното јавно обвинителство.
Се очекува дека Јанева извесен период нема да оди на работа, односно дека ќе отвори боледување или ќе си го земе годишниот одмор. Засега нема информации колку ќе отсуствува Јанева и дали воопшто ќе се врати во СЈО, јавува Плусинфо.
Јанева оставката на функцијата специјална јавна обвинителка ја депонираше во понеделникот, а таа ќе се активира во моментот кога институцијата ќе добие нов шеф, што значи дека официјално и понатаму е шеф на СЈО.
Одложената оставка на Јанева, дојде во ист ден кога нејзината колешка, шефица на обвинителстото за гонење на организиран криминал и корупција, Вилма Русковска, ја отвори истрагата за случајот „Рекет“, во која ги сомничи Бојан Јовановски – Боки 13 и бизнисменот Зоран Милески – Зоки Кичеец за изнуда на пари.