Македонија 25. јуни 2018. / 17:43

Катица Јанева: Истрагата за „Скопје 2014“ ќе утврди каде завршиле парите

Катица Јанева: Истрагата за „Скопје 2014“ ќе утврди каде завршиле парите

Додека не ги анализираме сите документи и не утврдиме каде завршиле буџетски пари, кај кои физички или правни лица се одлеале, дали се тие во Република Македонија или надвор и кој ги користи, нема да отвориме истрага за одредени лица кои се директно инволивирани во проектот „Скопје 2014“, изјави специјалната обвинителка Катица Јанева.

На конференцијата „Заробена држава – илустрирана преку случајот – изградба на проектот ’Скопје 2014’“, која денеска ја органиизраше Транспаренси Интернешнл-Македонија, Јанева рече дека во моментот кога СЈО ќе смета дека има доволно основано сомневање за сторени кривични дела од физички или правни лица, ќе ја отворат истрагата затоа што, рече, работат на анализа на докази и материјали што ги собираат на законит начин.

СЈО повеќе од две години води предистражна постапка за „Скопје 2014“, а индиции за него биле телефонски разговори и начинот на кој се градел. Собираат, рече Јанева, документи за патот на парите од Буџетот на РМ и собрале голем број материјали за фасади, споменици и згради и за разни одлуки на Владата за овој проект. Но проблем е архивирањето и начинот на селектирање на документите што требало да се чуваат.