И покрај оптимизмот во Владата, продолжува катастрофалната реализација на капиталните инвестиции и во петтиот месец годинава. Бројките од реализацијата на Буџетот покажуваат дека за пет месеци потрошени се само 54 од предвидените скоро 400 милиони евра за капитални инвестиции или само 13% од предвиденото што е најниска стапка од самостојноста на Македонија до денес.
Само во мај реализирани се капитални проекти од едвај 11 милиони евра. Иако и дел од економските министри најавија градежна офанзива, бројките го покажуваат спротивното. Проектите слабо се реализираат. Од Министерството за финансии вината за слабата реализација на капитални проекти ја префрлаат кај претходната Влада од којашто тврдат дека наследиле проекти со голем број проблеми.
„Во текот на годината се очекува подобра реализација на капиталните трошоци, како што беше случај и минатата година, кога најдобро остварување имаше последните месеци од годината што придонесе за рекордна реализација на капиталните трошоци.“
Од Министерството сепак, не соопштуваат дали планираат да прават пренамена на средствата за капитални инвестиции доколку продолжи лошиот тренд, ниту пак колку ќе потфрлиме до крајот на годината.
Дел од министрите очекуваат забрзување на динамиката од септември.