Лидерот на Беса Биљал Касами во интервју за „360 Степени“ го коментираше повикот од Зијадин Села за заеднички изборен настап на Алијанса на Албанците, Алтернатива и Беса.
Тој најпрво кажа дека е рано за предизборни коалиции и дека Движењето Беса допрва ќе гради официјален партиски став, но подоцна ја отвори можноста, најпрво за коалиција само со Алијанса за Албанците.
– Движењето Беса беше за принципиелна соработка, постојат неколку можности и принципи според кои може да се направи една меѓупартиска соработка пред изборите. Цениме и сме убедени дека како две опозициски партии (Беса, Алијанса за Албанците н.з.) и од претходните изборни циклуси, ќе излеземе победници на овие избори и им даваме можност на опозиционите гласачи за чиста опозициона коалиција, градејќи вистинска опозициона платформа, да донесеме промена кај Албанците и сите граѓани – изјави Касами.
На забелешката дека Алтернатива не е вклучена во понудата, Касами упати јавен повик за коалиција.
– Ако продолжиме да праќаме покани за коалиции пред изборите по емисии, тогаш дозволете ми и јас да ја искористам приликата од вашата телевизија да апелирам за проширување на играта, да ги поканам сите опозициони и владејачки партии, освен ДУИ, да направиме албанска платформа за да се донесе промена кај Албанците, како што дојде кај македонскиот дел во 2016 година. ДПА, Алијанса, Алтернатива, НДП, Унитети, сите интелектуалци, целата дијаспора и активистите на дијаспората, целиот опозиционен спектар за да ја направиме оваа промена и на Албанците од Македонија да им понудиме опција која ДУИ еднаш засекогаш ќе ја однесе во опозиција и кај Албанците ќе донесе промена каде достоинствено ќе бидат претставени во државните институции – изјави лидерот на Беса Биљал Касами во синоќешното интервју за емисијата „360 Степени“ .