Денеска, на денот од 149 годишнината од раѓањето на македонскиот великан Гоце Делчев, на кој што почива идејата за македонската држава и нејзината историја, бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана Красимир Каракачанов продолжи да провоцира со присвојување на историјата и извртување на историските факти.
Имено, тој во изјава за бугарските медиуми изјави дека Гоце Делчев е Бугарин и никој не може да го оспори тој факт.
– Ние почитуваме еден голем Бугарин и тоа што тој се декларирал како Бугарин ние на никаков начин нема да го негираме, напротив, има право и некој друг да го обожава овој великан. Ние држиме до тоа тој да биде прославуван, но држиме до тоа и нема да дозволиме тој да биде посмртно асимилиран! Тоа не е ниту морално, ниту христијански, ниту е европски. Затоа сметаме дека тие наши личности од нашата историја, како Гоце Делчев, неговиот верен соборец Дамјан Груев, малку понатаму се и спомените на Тодор Александров и Иван Михајлов ќе бидат ѕвоно на обединување, изјави Каракачанов.
Бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана, Каракачанов потенцираше дека овие историски личности можат да бидат ѕвоно на обединување кои што ќе стават точка на бесмислениот спор и бесмислените разединувања со некоја соседна нивна држава, алудирајќи на Македонија, при тоа нагласувајќи дека Македонците не можат се уште да се помират со фактот дека саканата, комунистичка Југославија веќе не постои.