Македонија 11. јануари 2021. / 15:23

Каракачанов: Додека учебниците по историја велат дека Бугарите се Татари и фашисти, нема разговор

Каракачанов: Додека учебниците по историја велат дека Бугарите се Татари и фашисти, нема разговор

„Бугарија има јасен став за РС Македонија и крајно време е во Скопје да започнеме со читање на одлуките на бугарскиот парламент“, изјави вицепремиерот и министер за одбрана на Бугарија, Красимир Каракачанов, пренесува БГНЕС.

Тој смета дека Владо Бучковски е добронамерна личност, со политичко искуство, со добар став кон Бугарија и дека не е случајно што беше избран за медијатор.

Каракачанов верува дека властите во Скопје го користат Бучковски за да покажат добра волја.

„Самиот Бучковски има добра волја, но оние што ја испраќаат немаат. Тие веќе три и пол години не направија ништо и сега продолжуваат да сметаат на фактот дека, и покрај одлуките на бугарскиот парламент и влада, може да се постигне компромис, што би бил компромис од Бугарија. Ова не може да се случи“, вели тој.

Министерот за одбрана рече дека додека учебниците по историја во Македонија велат дека Бугарите се Татари и фашисти, не може да има разговор.

„Имаш право да го заштитуваш својот идентитет таков како што е од периодот кога настанал, а не да крадеш туѓа историја и да создаваш туѓ идентитет. Тие имаат – тоа е идентитетот создаден од Јосип Броз Тито и Коминтерната. Никој не посега по него. Но, Цар Самуил е бугарски, тој не се борел против Бугарија како што пишува во македонските учебници. Ние Бугарите не сме фашисти, окупатори и татарско племе. И покрај 70 години на промени во јазикот, ние сè уште зборуваме без преведувач, зборуваме на ист јазик“, вели Каракачанов.

Специјалниот претставник на Македонија за односи со Бугарија, Владо Бучковски денеска ќе пристигне во Софија за да разговара за акцискиот план за Договорот за соседство меѓу двете земји, пишуваат бугарските медиуми.

Оваа недела тој исто така ќе оствари средба со министрите Екатерина Захариева и Красимир Каракачанов.