Се прашувам по кој правен основ тајната полиција Агенцијата за национална безбедност се бави со осомничени за криминал?! И кој наредил приведување на Камчев без да има барање на ЈО?!, напиша денеска на својот фејсбук-профил професорот по кривично право Гордан Калајџиев.
Бизнисменот Јордан Камчев бил приведен утрово кај хотелот „Александар Палас”, а во полицискиот записник било запишано дека е лишен од слобода поради кривичното дело „изборни нерегуларности” од член 158 од Законот за кривична постапка.
Тука била сторена грешка – членот 158 од Кривичниот законик се однесува на изборни регуларности, но не и членот 158 од Законот за кривична постапка кој се однесува на постапката за лишување од слобода без судски налог..
Судот одлучувал врз основа на службена белешка на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), која наводно проценила дека Камчев се подготвува за бегство во Бугарија. Бранителите на Камчев велат дека тој се подготвувал да го прошири ковид-центарот во Клиничката болница „Аџибадем Систина” и договарал вработување на 17 лица нов медицински персонал. Овие, но и други активности на притворениот, покажуваат дека немал намера да бега. Определен е притвор врз основа на претпоставки на разузнавачи, што е крајно невообичаено, а според професорот Калајџиев, не е легално, велат бранителите.
Дел од медиумите притворот за Камчев го сметаат за обид на власта за дефокусирање на јавноста од актуелните скандали, а некои и како одмаздничка акција на алтуелната власт кон Камчев.
Камчев е притворен четири дена пред закажаното негово сведочење во случајот „Меѓународен сојуз“.