Деновиве во Република Македонија е актуелна темата за датум за почеток на преговори со Европската Унија. За жал, и покрај сите лажни славења, спинови и манипулации кои една година ни се случуваат во континуитет, се реализираше најлошото сценарио, што значи дека повторно немаме датум за преговори.
пишува: доц. д-р Самоил МАЛЧЕСКИ
Причините за тоа се и повеќе од јасни, особено доколку се чита извештајот за напредокот на Република Македонија. Тука сакам да напоменам дека добивме чиста препорака, што не е прва, но не добивме и кристално чист извештај како што некој сака да го прикаже. Доколку убаво се чита истиот, ќе се воочат причините зошто немаме датум за преговори. Нејсе, агонијата продолжува, сега се пролонгира за октомври, а прашање е дали и во октомври ќе добиеме датум. Причина за ваквата состојба се две работи.
Првата е тоа што немаме кохабитација помеѓу власта и опозицијата. Доверба скоро и да нема, а и не може да има кога власта при секоја лидерска средба продолжува невешто да лаже. Јас искрено не би верувал на власт која продолжи со лагите и манипулациите онаму каде што застанаа претходните, па може дури и се полоши во повеќето сегменти. Изјавите и ветувањата дадени од нивна страна не траат ни две минути откако ќе ги изговорат. Суштината за ваквите состојби е многу подлабока од што изгледа, но најмногу од се влијае султанско-намесничкиот однос кој го имаат воспотавено, а се нарекуваат социјалдемократи. Доколку сакаат да си го повратат кредибилитетот време е за нови луѓе кои веруваат во социјалдемократската идеологија, а не горди послушници и медиокритети чија единствена водилка е да му слугуваат на „султанот“. За опозицијата многу пати до сега коментирав. Ако сака да ја поврати довербата време е за дистанцирање од претходното раководство, време е за нов Статут, демократизација на истата, како и избор на сите тела и органи низ една транспарентна и демократска постапка. Ова е од суштинско значење за сите идни процеси кои треба да се случат во државава, а за кои ќе имаме сериозен мониторинг од страна на ЕУ.
Втората, поголема причина од првата, е тоа што во државава во суштина нема реформи во ниедна област. Сегашниве само ги наследија и ги продолжија практиките на претходните. Место да се зафатат за реформи, тие продолжија со непотизмот, корупцијата, криминалот и уништувањето на Република Македонија. Некои ќе кажат опозицијата е крива, ги кочи процесите. Не, тоа апсолутно не е точно. Сетете се само како постапуваше власта кога и гореше под нозе и со кои уцени и закани, на каков криминален начин го смени Уставот на Република Македонија. Значи можеле и можат. Дали се кадарни и дали сакаат – секако дека не. Во суштина, помил им е личниот комодитет, парите, тендерите и да си вработат некој член од семејството, отколку да се зафатат со вистински реформи. Но, кога ќе се погледне поубаво, биографиите на „реформаторите“ од власта посочуваат дека тие и немаат ниту знаења, ниту компетенции, ниту вештини да направат реформи. Присобрани „елитисти“ неспособни за ништо, потонати во суети и филмови колку се битни и колку се заслужни, но суштински се неспособни горди послушници и медиокритети!
При вакви состојби многу е тешко да се зборува за датум за преговори. ЕУ нема да падне на смешните уцени дека, ако нема датум ќе има предвремени избори и во Република Македонија и ќе се врателе националистите на власт. Нути пак ќе падне на циркузантските настапи и изјави дадени по разно-разни настани. Не, нема да си дозволат уште еден проблем во низата кои ги имаат. Затоа, во овој момент нам ни требаат вистински реформи, кои ќе бидат ефективно спроведени. За такво нешто владеачката врхушка не е способна, најавената метла е лоша приказна во која ниту малите деца не веруваат. Оттука, по незнам кој пат се наметнува прашањето за формирање на Влада од истакнати интелектуалци, докажани во своите струки. Луѓе кои не се оптоварени со глупави суети и малограѓанштина, способни да ги направат посакуваните реформи за да можеме да добиеме датум за преговори. Интелектуалци кои доследно ќе ги спроведат препораките од Извештајот на Прибе и Извештајот за напредокот на Република Македонија. Секако во оваа група не спаѓаат вечните колумнисти и „експерти“ за се и сешто, долгогодишни слуги на сите што добро плаќаат.
Имајќи го предвид погоре кажаното, доколку и власта и опозицијата навистина и мислат добро на Република Македонија, следниот нивен чекор е формирање на реформска Влада во Собранието на Република Македонија. Влада која ќе ги води процесите и реформите во вистинска насока, посакувана за сите нас. Но, и Влада која ќе спроведе попис на население и домаќинства според правилата на ЕУРОСТАТ, а не според политички пазар.