Директорот на Агенцијата за млади и спорт Дарко Каевски информира дека е во постојан контакт со повисоките институции за координација околу почнување на спортските активности во земјава.
Постојано со сите национални институции сме во контакт околу отпочнување на индивидуалните спортови, како и тренажен процес во колективните спортови. Примерите на одредени држави ни даваат примери и практики како да размислуваме спортот да започне да функционира, но најважно е здравјето – изјави Каевски во Тетово каде што заедно со заменик-директорот, Измит Нура извршија увид во градежните активности за изградба на затворениот пливачки базен во општина Тетово, дел од проектот „Изградба на 14 пливачки базени“.
Базенот воТетово, почна да се гради на 9 февруари, а според Каевски, динамиката на изградба на објектот се одвива добро.
Драго ми е што можам да кажам дека оди според предвидената динамика, со забрзано темпо и предвидениот рок за примопредавање на овој затворен пливачки базен е септември 2021 година , но во разговорот со изведувачите и со ваквото темпо на функционирање очекуваме до крајот на оваа година или почетокот на следната година во текот на првите месеци да имаме функционален пливачки базен во општина Тетово. Се наоѓаме пред еден исклучителен важен период каде што пред се треба да се справиме со една друга наша борба со Ковид 19, но исто е важна и спортската инфраструктура затоа што по завршување на кризата, која верувам ќе биде за брзо време ќе треба да ги подигнеме и спортските стандарди и здравите начини на живот пред се кај најмладите. Токму овој пливачки базен ќе биде во таа насока да го подигне стандардот и младите што повеќе да спортуваат – изјави Каевски.