Македонија 03. април 2018. / 15:20

Каевски е уредник, а други му се криви: Директорот на АМС го впери прстот во комисијата

Каевски е уредник, а други му се криви: Директорот на АМС го впери прстот во комисијата

Директорот на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски, ги обвини членовите на комисијата за избор на песните во збирката поезија на млади поети и директорот на секторот за млади во агенцијата, за скандалот со издавањето на книгата. Директорот на Агенцијата го донесе ова како заклучок по спроведената задача од премиерот Зоран Заев да се испита случајот.

Каевски на денешната конференција за медиуми не кажа ни збор за некаква негова одговорност како директор, освен моралната.

„Ја лоциравме одговорноста и го расветливме случајот. Се работи за несовенсо, нестручно и непрофесионално работење на неколкумина поединци по што дошло до објавување на содржина во која има родова и етничка дискриминација на што АМС жестоко се противи. Комисијата за избор на песните имала обврска да изврши селекција на пристигнатите творби, изборот е направен од членовите на комисијата. Одговорноста е на ангажираните членови и тие ќе треба да ја надоместат штетата во целост“, рече Дарко Каевски.

Според него некој го прекршил и Законот за издавачка дејност со тоа што на книгата е напишано дека издавач е АМС, а тој како директор на АМС е уредник на изданието.

Каевски соопшти дека АМС донесе одлука за формирање комисија за утврдување на дисциплинската одговорност и суспензија на директорот на сектор млади, а МВР покрена постапка за крадење на идентитетот на аворот на спорните песни.

Членовите на комисијата пред два дена објаснија дека тие биле повикани да изберат само три песни кои биле наградени и дека немале никаква врска со некаква селекција и уредување на збирка песни.