Заклучно со септември ЈСП пријавило загуба од околу 4 милиони евра, што според претпријатието се должело на намалениот број на патници во јавниот превоз од почетокот на пандемија на ковид-19 до октомври.
За 62,5 отсто е намален бројот на патници во јавниот превоз од почетокот на пандемија на ковид-19 до сега. Од март до септември во автобусите на ЈСП „Скопје“ и на приватните превозници се возеле 12.064.455 патници, а истиот период лани бројот бил 32.148.854.
Поради намалениот број на патници загубата на претпријатието досега е околу 4 милиони евра.
–Според бројот на валидации во месец март со јавен превоз се возеле 2.731.699 патници, а истиот месец во 2019 бројот бил 5.685.383. Најголем пад на бројот на патници има во април годинава и тоа за 88.5 отсто односно лани во април се автобус се возеле 5.237.154 патници, а годинива само 597.374. Големо намалување на бројот на патници има и во месеците мај, јуни, јули и август. Во септември во спроредба со другите месеци, најголем е бројот на граѓани кои користеле јавен превоз, но и таа бројка е за околу 50 отсто помала во споредба со истиот период лани, пишува порталот СДК.МК.
Сиптоматично е што во извештајот за првото полугодие од 2020 година, односно заклучно со месец јуни ЈСП имаше пријавено позитивен финансиски резултат од 140,9 милиони денари, односно 2,3 милиони евра.
–Јавното сообраќајно претпријатие – Скопје е едно од претпријатијата чија работа беше најмногу изменета поради пандемијата на Ковид-19, каде имаме намален број на километри поминати и патници. ЈСП-Скопје за првите 6 месеци од 2020 година работи со добивка во износ од 140,9 милиони денари, а ова во најголем број се должи на намалените расходи кои се за 21,7 % пониски од тие во истиот период од 2019 година, објавува град Скопје.
До толку повеќе што токму во првото полугодие од 2020 година беа месеците кога мерките беа најрестриктивни, а со тоа и финансиските импликации би требало да бидат најголеми.
Логично се поставува прашањето како е направен минус од над 6 милиони евра за само три месеци, јули, август и септември, месеци во кои мерките беа во голема мера беа намалени а состојбите нормализирани онолку колку што дозволуваше пандемијата.