Македонија 26. септември 2019. / 13:58

Јовески: Постапката за „Рекет“ се одвива без влијанија од надвор

Јовески: Постапката за „Рекет“ се одвива без влијанија од надвор

Постапката за расветлување на аферата наречена „Рекет“ оди сеопфатно без странични влијанија со обезбедување релевантни докази против инволвираните во кривично правните дејствија, изјави денеска јавниот обвинител Љубомир Јовески на панелот „Како против корупцијата“, во рамки на Третата пленарна сесија на Националната конвенција за ЕУ во Македонија, пренесе Независен.

Осврнувајќи се на борбата против корупција, Јовески рече дека тој феномен го разјадува секое општество и затоа е неопходно ефикасно справување и тоа не само, како што посочи, заради Брисел или евроатлантските аспирации, туку заради нас, заради граѓаните и заради државата.

– Владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Северна Македонија, слика на степенот на демократијата е способноста на државата да овозможи тоа да важи подеднакво за сите. – истакна Јовески.

Тој оцени дека конфискацијата на имоти стекнати со криминал е мерка за реално предупредување дека криминалот не се исплатува, таа е силен правен инструмент во борбата против криминалот и корупцијата, што ги погодува сторителите на кривични дела.

– Северна Македонија меѓу првите балкански земји ги имплементираше мерките за конфискација на приходи стекнати од криминал и да ја воспостави законската основа. Но, главен предизвик е се уште практичната имплементација на конфискацијата. – оцени јавниот обвинител.