Македонија 24. април 2019. / 18:39

ИВЗ: Местото на судиите им е во Зоолошка

ИВЗ: Местото на судиите им е во Зоолошка

ИВЗ обвинува дека Граѓанскиот суд донел одлука за именување нов реис врз основа на фалсификувани документи, печати и потписи.

Oд ИВЗ тврдат дека потписот на актуелниот реис Сулејман Реџепи е фалсификуван на оставката. Велат дека е стар меморандумот на оставката, а фалсификуван е и печатот. Според нив, рејсот не поднесува оставка во документ со меморандум, и во истата не се користи печат на ИВЗ, а во оставката доставена до судот има.

Во однос на записникот за одржана седница, тој бил заведен со архивски број со кој од 15 членови на Ријасетот, 7 веќе не се дел.

-Решението на граѓанскиот суд не покажува ништо освен тоа до кое ниво е паднат правниот систем. Судијката Сузана Дончевска има донесено решение за смена на поглаварот на ИВЗ и именување друг. Тоа го направила врз основа на фалсификувани документи. Толку наивна судијка, донела решение со фалсификати и тоа се гледа од Јупитер. На оваа власт ѝ требаат вакви скандали за да ги покријат нивните скандали и незадоволството на граѓаните. Владата во име на една судијка изврши пуч во ИВЗ. Ова е пуч од Зоран Заев- изјави Мухамед Вејсели од ИВЗ.

Тој истакна дека во записникот што е доставен до судот има наведено лица кои не се вработени во ИВЗ. Во истиот, како што рече, нема потписи на тие кои биле присутни на состанокот на Ријасетот.

-Ваква седница се нема одржано. Ниту еден член не е известен дека Сулејман Реџепи има поднесено оставка. Поднесовме кривични пријави против фалсификат“, истакна Весејли и додаде дека и 10 пати да го смениме името на државата никогаш нема да бидеме држава-

Весејли истакна дека судијката поднела барање за промена на реисот во Централен регистар.

-Дали се нормални овие луѓе или имаме работа со ненормални луѓе. Ние имаме судии на кои треба да им обезбедиме место во Зоолошката градина. Имаме судија кој разрешува и именува реис, а тоа е можно само во оваа држава- рече Весејли.

ИВЗ бара од Владата да им се извини за скандалот којшто, како што велат, го направила.

-Ова нема да им биде простено на Зоран Заев и Владата. Тие треба да размислат за вршењето притисок врз судиите. ИВЗ никогаш не барала ниту ќе бара услуга. Заев не треба да ѝ служи на ИВЗ, туку треба да им служи на граѓаните-рече Весејли.

Од ИВЗ оценија дека судството е најкорумпирано досега и информираа дека ја обжалиле одлуката за промената на реисот.