Исламската верска заедница ќе ги стави на пауза сите преписки и недоразбирања со Владата околу „бавната и дискриминаторска“ денационализација на нивниот имот, поради што ѝ се заканија дека ќе ја кодошат во пресрет на претседателските избори во своите 700 џамии низ земјава, објави Независен. Оттаму велат дека не сакаат да влезат во политичка кампања, поради што следните чекори ќе ги влечат по завршувањето на изборите во мај. Тие се убедени дека нивните аргументи се издржани и тврдат дека стотици барања за враќање имот, кој им бил национализиран по Втората светска војна, се држат во фиоките или се влечкаат по судовите.
Писмото било интерно
-Тоа беше интерно писмо што го испративме до Владата и не ни е јасно како стигна во јавноста. Не е првпат да комуницираме со премиерот и со неговиот тим. Уште на 2 јуни 2017 година му го испративме првото писмо по доаѓањето на власт, во кое му укажавме на приоритетните 11 случаи на денационализација. Реисот имаше и средби со него. За жал, и денес, кога веќе изминува втората година на функционирањето на т.н. реформска влада, немаме одговор, а камоли реализација на кое било барање, вели Агрон Војника, директор на секторот за односи со јавност при ИВЗ.
Од оваа верска заедница објаснуваат дека чашата на незадоволство била прелеана во случајот со Алипашината џамија кога, и покрај договорот со Владата, односно добиената донација од Турција, изградбата на минарето наидува на пречки.
-Премиерот го изигрува договорот со тоа што ги прима на средби членовите на новоформираното здружение, кое се противи на изградбата на минарето. Покрај тоа, секојдневно ни испраќаат инспектори. Тоа не е притисок, туку суперпритисок. Компромис може да има за сè, освен за тој случај. Таму минаре си постоело и било срушено со експлозив меѓу двете светски војни. Тоа значи дека кога се конзервира или реставрира нема потреба да се бара градежна дозвола. Не градиме ништо ново, не доградуваме, туку работите се враќаат како што биле. Нема отстапки, минарето мора да се изгради, вели Дритон Дикена, директор на имотот или вакуфите на ИВЗ.
Од ИВЗ признаваат оти проблемите не сè од денеска, но на прашањето зошто токму сега решиле да реагираат и дали имале добиено некакви гаранции од Заев, па сега се чувствуваат изневерено, немаат прецизен одговор.
–Не, не се заканивме дека во џамиите ќе зборуваме против Владата, не уценувавме, никогаш не сме се мешале во политика, нема ниту сега, немало никаков договор со Заев, се правдаат во ИВЗ.
Повеќе може да прочитате на Независен.мк