Претседателот Ѓорге Иванов рече дека го потпишал Законот за амнестија заради разоткривањето на вистинските цели и намери, а, тоа според него, е уцената, како и поради патриотите чија ненасилна љубов кон татковината била злоупотребена за други цели.
–Овој закон го потпишав не заради големото мнозинство со кое го изгласавте, ниту заради повеќето луѓе кои најверојатно ќе бидат опфатени со амнестијата. Ако вие Законот за амнестија го донесовте заради пратениците со цел да ви поминат уставните измени, јас го потпишав за да ги разоткријам вашите вистински цели и намери, дека оваа амнестија не е за помирување туку за уценување. Со вакво помирување не може да се помири македонскиот народ. Но, законот го потпишав и поради патриотите чија ненасилна љубов кон татковината очигледно била злоупотребена за други цели. Овој закон за амнестија нека биде сведоштво за двојни стандарди, бидејќи двојните стандарди се насилство против правдата. А без правда нема вистинско помирување, без правда нема мир, рече претседателот Иванов во годишното обраќање пред пратениците во Собранието.
Според него, амнестијата не е за помирување, туку за уценување. Иванов рече дека од таканаречена заробена држава сме станале уценета држава и дека уцената станала основно средство за остварување на целите.
Тој додаде дека разликата помеѓу неговите помилувања од 2016 година и актуелната амнестија е во целите.
–Мојата цел беше помирување преку помилување, а вашата цел е обезбедување поддршка за уставните измени преку уценување. Додека јас одлуките за помилувања ги донесов за да спречам хаос во државата, вие, одлуката за амнестија ја носите за да ги озаконите уцените со кои се создава хаосот и се руши правната држава. Моите помилувања не вклучуваа спречување на постапката за конфискација на нелегално стекнат имот и подразбираше прочистување на македонската политичка сцена и промовирање на нови лица во политиката. Вашата амнестија е само уште еден преседан за уцена, рече претседателот Иванов.