Македонија 31. октомври 2018. / 22:12

Иванов го додели признанието Повелба на Република Македонија на Сојузот на извидници на Македонија

Иванов го додели признанието Повелба на Република Македонија на Сојузот на извидници на Македонија

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, вечерва го додели признанието Повелба на Република Македонија на Сојузот на извидници на Македонија.

Признанието се доделува по повод 65 години од основањето на Сојузот, како самостојно здружение на граѓани за деца и млади, а особено за исклучителниот придонес за развојот на младите луѓе во Република Македонија преку промовирање на извидничките вредности и принципи.

Во своето обраќање на отворањето на Европската извидничка академија, претседателот Иванов истакна дека Сојузот на извидници на Македонија има значаен придонес во правилното воспитување и образование на илјадници млади луѓе во нашата татковина.

– Вистината никогаш немала толку непријатели како што има денес, во нашево време на лажни вести и војни на перцепции. Јавната пристојност стана исклучок наместо правило. Храброста и истрајноста станаа ретка и скапа работа. Отсуството на одговорност доведе до криза на довербата. Сево ова се коси со принципите врз кои се темели извидништвото, бидејќи извидникот зрачи со доверба -рече претседателот Иванов, оценувајќи дека потребно е одново да го пронајдеме златниот баланс што ќе ни помогне да градиме доблесни, морални и одговорни личности. Личности кои со своите таленти, знаења и вештини ќе придонесуваат кон личната благосостојба, но и благосостојбата на целото општество.

Оваа година се навршуваат 65 години од официјалниот почеток на организираното извидништво во Република Македонија. Европската извидничка академија 2018 се одржува под покровителство на претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов.