Бараме прогласување кризна состојба за Преспанското Езеро за непречено и ефикасно спроведување на мерките како и интензивирање на прекуграничната соработка и дефинирање на работни задачи до крајот на годината. Очекуваме и акцискиот план, кој беше најавен за крајот на ноември, а за кој сè уште нема информација, да биде објавен и ставен во акција час поскоро, се вели во соопштението на граѓанската иницијатива Охрид СОС.
Владата и Министерството за животна средина и просторно планирање веќе ја добија петицијата со 5.522 потписи со барања за преземање итни мерки за спас на Преспанското Езеро. Петицијата е поддржана и од 31 граѓанска организација.
Од Охрид СОС известуваат дека немаат никаква информација за трилатералното тело кое треба да работи на координирани мерки и активности со оглед на тоа што Преспанското Езеро припаѓа на три држави. Исто така, не се оствари ни најавата за можно прогласување кризна состојба во Преспанскиот слив како што се бараше и во петицијата, а беше најавено за 1 октомври.
– Петицијата ја оставaмe отворена со оглед на тоа што сè уште чекаме активности на терен, додека Преспанско Езеро продолжува да се празни. Третманот на нашето природно богатство, децениски запоставувано, но непречено искористувано, мора да запре, се вели во соопштението на активистите на граѓанската иницијатива Охрид СОС.
Изминаа 9 месеци откако надлежните институции се собраа на координација за преземање на итни активности за заштита на Преспанското Езеро. Се уште не се преземени решителни мерки.