Инсулинот во Република Македонија, без исклучок, е со уреден рок на употреба, уверува Министерството за здравство откако во јавноста се појавија информации за наводен краток рок на употреба на инсулинската терапија.
„Министерството за здравство потенцира дека дека сите пациенти кои се на инсулинска терапија подигнуваат инсулинска терапија што се троши за индивидуални цели и за период од 28-30 дена. Одговорно тврдиме дека нема инсулин во Република Македонија кој е со краток рок. Апелираме и повикуваме, доколку пациентите кои се на инсулинска терапија имаат таков доказ дека им е издаден инсулин со краток рок, веднаш да реагираат во Министерство за здравство“, се вели во соопштението.
Во него се додава дека инсулинот кој е со рок на траење до 30.09.2018 година е потрошен во месец јули. Од 15 овој месец, пак, веќе се обезбедени и се дистрибуираат инсулини „Новорапид“ со рок на траење повеќе од 12 месеци. Секој лот (серија) на сите видови инсулин, велат од МЗ, е регистриран со количина и рок на траење.
Од таму потенцираат дека пред два дена е почната постапката за јавна набавка на инсулин, глукагон, инсулински игли и ленти за мерење шеќер и инсулински пумпи со потрошен материјал, за периодот септември 2018 – септември 2020 година.