Македонија 27. април 2018. / 12:31

Институциите не постапуваат по ревизорските извештаи

Институциите не постапуваат по ревизорските извештаи

Државниот завод за ревизија дава препораки до институциите како да постапуваат по неправилностите во нивната работа, но речиси 40 насто од нив, воопшто не даваат одговор дали преземале какви било мерки да ги спроведат. Од друга страна, ревизорите немаат механизам на казни доколку не ги имплементираат забелешките.

Преземањето на понатамошни мерки во врска со ревизорските извештаи сепак е обврска на Јавното обвинителство. Тие треба да кажат што преземаат, ние имаме пракса на добивање повратни информации од ЈО, но морам да кажам дека таа пракса е на доброволна основа“, рече Тања Јаневска – помошник на главниот државен ревизор во ДЗР.

Во периодот 2016-та и 2017-та година, Државниот ревизор до Јавното обвинителство проследил 10-тина свои извештаи во кои е нотирано незаконско работење, но најчестиот одговор кој се добива од таму во однос на извештаите е дека има предистражна постапка и таа е во тек.

Неодамна, и Европската Комисија забележа дека Собранието нема механизми за разгледување на овие извештаи. Ваква пракса во законодавниот дом, потсетува Дамир Незири од Фондацијата за демократија „Вестминстер“ постоела претходно и смета дека треба да се најде модел за повторно да се употребува.

ДЗР во моментот ги испраќа извештаите во Собранието, но до сега немало практика да се разгледуваат тие. Еднаш кога таа практика ќе се воспостави, а за тоа веќе имаме индикација дека постои интерес во новиот парламентарен состав, ќе биде многу поверојатно кога тие извештаи ќе се разгледуваат јавно пред пратениците и самите раководители во институциите малку посериозно ќе ги земат превид овие извештаи“, рече Дамир Незири – Фондација за демократија „Вестминстер“.

Една од аспектите е дека тоа може да биде на седница на Собрание, може да биде на Комисија за финансирање и буџет, се размислува и за отворање на подкомисија која ќе биде во рамки на Комисијата која ќе има за задача да ги разгледува ревизорските извештаи“, кажа Габриела Димковска – Центар за економски анализи.

Според годинешниот извештај за 2016 – та година, ДЗР дал 673 препораки до ревидираните субјекти, од кои за 361 препорака бил изминат рокот од 90 дена за институтциите да дадат повратна информација.