Македонија 01. септември 2020. / 10:49

Илиевски: Зошто уставниот судија Кадриу ја прикрива Иницијативата за оценување на уставноста на Законот за високо образование?

Илиевски: Зошто уставниот судија Кадриу ја прикрива Иницијативата за оценување на уставноста на Законот за високо образование?

Во порталот Курир на 25 август 2020г. се објави мој напис во однос на мојот став: Јавното обвинителство во Македонија одлучува по партиски клуч, со кој истакнав дека судството, како и јавното обвинителство во Република Македонија е корумпирано, зависно од политичките партии на власт, односно подпаѓа под влијание на извршната власт, пишува Ѓорѓи Илиевски за Курир.

Има селективен пристап и не обезбедува правна сигурност и дискриминација на донесените одлуки. Што не е европска обвинителска пракса.

Сега се огласувам зошто Уставниот суд на Р.Македонија, поконкретно уставниот судија Осман Кадриу кој го води предметот бр.128/2019 година од 16.09.2019 година, а поднесен од моја страна, зошто се молчи, зошто не се изјаснува во врска Иницијативата за оценување на уставноста на Законот за високо образование (Сл.весник на РМбр.82/2018). Господин уставен судија Осман Кадриу Ве прашувам: Дали се во прашање притисоци и од кого или има друга причина?

Да бидам поконкретен за да знае македонската јавност како и меѓународната јавност.

Имено, од страна на поранешниот министер за образование и наука Рената Дескоска, се донесе Закон за високо образование(Сл.весник на РМ бр.82/2018). Поаѓајќи од принципот на неспоивост на државни и јавни функционери, а имено функцијата на претседателот на Владата и министер со вршење на други јавни функционери или професии, согласно член 89 од уставот на Р.Македонија, ја поднесов Иницијативата на уставноста на член 174 став 8 и 9 и член 176 став 3 од Законот за високо образование на РМ. Како предлагач на Иницијативата го имав во предвид член 51 од Уставот на Република Македонија во кој се утврдува дека законите мораат да бидат во согласност на Уставот, а сите други прописи со Уставот и законите. Недвојбено произлегува дека членовите 174 став 8 и 9 и член 176 став 3 од законот за високо образование не се во согласност со член 89 од Уставот на Р.Македонија.

Како предлагач на уставната иницијатива барав Уставниот суд да поведе постапка за испитување на уставноста на Законот за високо образование во согласност со се што е погоре наведено, а особено, во врска со член 89 од Уставот на Р.Македонија во кој стои: „… Функцијата претседател на Владата и министер е неспојлива со вршење на други јавни функции или професии. Организацијата и начинот на работата на Владата се уредува со закон“.

Следејќи ја тенденцијата на уставотворецот и онтолошкото значење на трудово-правниот институт „мирување на работниот однос“, истиот е дорегулиран во Законот за работните односи кој е basic legem за регулирање на правата, обврските и одговорностите на работникот и работодавецот од работниот однос (пречистен текст, Службен весник на РМ бр. 74/2018), член 151:

Мирување на работниот однос на работник избран или именуван на државна или јавна функција

Во согласност со тој член: „на работник кој е избран или именуван на државна или јавна функција, утврдена со закон, а чие вршење бара привремено да престане да работи кај работодавачот, му мирува работниот однос за време на вршење на функцијата и има право, во рок од 15 дена по престанувањето на функцијата што ја вршел, да се врати на работа кај работодавачот за вршење на работи кои одговараат на неговиот степен на стручна подготовка.

Евидентна е интенцијата на законодавецот кој во овој закон (ЗРО) ја следи филозофијата на уставната одредба која е адекватна на нејзината цел, а таа е: да се оневозможи каква било работна активност на функционерот односно работник кој е избран или именуван на државна или јавна функција, утврдена со закон. Од таа причина и терминологијата која ја користи ЗРО е „мирување на правата и обврските од договорот за вработување„ (чл.45) и подразбира дека „за време на мирување на договорот за вработување, мируваат договорните и другите права, како и обврските од работниот однос коишто се непосредно поврзани со вршењето на работата.“ Но, Законот за високото образование на РМ (Службен весник на РМ бр. 82/2018), не ја следи оваа тенденција и е во јасна колизија со уставните норми, па како таков, во членот 174 став од ЗВО експлицитно определува дека:

(8) При мирување на работниот однос, лицето избрано во наставно-научно, наставно-стручно, наставно или соработничкозвање, има право да врши високообразовна дејност на прв циклус на студии без финансиски надомест.

(9) Лицето избрано во наставно-научно, наставно-стручноили наставно звање, на кое му мирува работниот однос, има право да држи предавања и да биде ментор на втор и трет циклус на студии, како и да врши други активности од високообразовната дејност.

Понатаму, во член 176 став 3 од Законот за високото образование на РМ (Службен весник на РМ бр. 82/2018) се определува:

(3) Времето за распишување на конкурсот од ставот (1) на овој член се продолжува за времето кое е поминато на породилно отсуство, боледување подолго од три месеци, како и мирување на работниот однос во случаи определени со закон. На барање на лицето, рокот не мора да се продолжи.

Евидентна е неусогласеноста на цитираните одредби на ЗВО со членот 89 од Уставот на Р. С. Македонија. Уставната одредба и уште повеќе, концептот на „мирување“ на работниот однос, во својата суштина подразбира целосно мирување на сите активности, права и обврски од работниот однос кои што се непосредно поврзани со работниот однос. Во ставовите 8 и 9 од членот 174 јасно се гледа дека не се почитувани пропишаните ограничувања за мирувањето на работниот однос па спротивно на уставните норми се дозволува „не-мирување“ на активностите, правата и обврските од работниот однос.

Уште повеќе, уставната одредба од членот 89 неспорно имплицира дека последиците на мирувањето не се оставени на слободна диспозиција на функционерот (како што во член 176 став 3 од ЗВО е предвидено дека на барање на лицето, рокот за распишување на конкурс за избор во звање, не мора да се продолжи!?) Функционерот не може и не смее да се става над Уставот и своеволно да остварува дополнителни права за себе, во време на извршување на друга државна или јавна функција поради која, работниот однос му мирува.

Во поткрепа на овие аргументи, функционерот избран на јавна или државна функција, нема да има време и можност квалитетно да ја изведува наставно образовната дејност, ниту пак квалитетно и професионално да ја извршува и да постигне резултати во извршувањето на јавната, односно државна функција. Не ретко, ваквата двојност на функција / професија резултира и во судир на интереси, состојба на судир меѓу јавните овластувања и должности со приватниот интерес на службеното лице во кој приватниот интерес влијае или може да влијае врз извршувањето на неговите јавни овластувања и должности, Ова начело на забрана на судир на интереси според тоа подразбира забрана за вршителите на сите јавни функции едновремено да обавуваат односно извршуваат други функции и професии при чие извршување, заради интересот изразен во нив, да можат објективно да дојдат во ситуација каде јавната функција ќе ја извршуваат на начин на кој јавниот интерес ќе го подведат на својот или туѓ приватен интерес односно ќе ја извршуваат на начин на кој би се довело во прашање остварувањето на општиот интерес. (ова особено е случај со едновременото вршење на функцијата Министер за образование и наука на Р. Македонија и професор на Тетовскиот државен универзитет).

Уште повеќе, ваквата спорна законска одредба предизвикува концентрација на моќ во една функција, што претставува коруптивно однесување per se.[1] Конвенцијата против корупцијата на Обединетите нации (UNCAC, Службен весник на РМ бр. 37/07) се утврдува дека целите на оваа Конвенција се: да се унапредат и зајакнат на најефикасен начин мерките против корупцијата; да се унапредат, олеснат и поддржат меѓународната соработка и техничката помош со цел за спречување на корупцијата и за борба против неа, вклучувајќи го и враќањето на имотите; да се унапреди интегритетот, одговорноста и доброто управување со јавните работи и државниот имот (чл. 1), дека секоја држава/страна на Конвенцијата, во согласност со основните принципи на нејзиниот правен систем, подготвува, спроведува и следи координирани политики за ефикасна превенција на корупцијата. При подготвувањето на овие политики е неопходно учество на сите сегменти од општеството и целосно почитување на принципите на правната држава, доброто владеење, интегритетот, транспарентноста, отчетноста и одговорноста (чл.5), дека секоја држава членка, ќе настојува, во согласност со основните принципи на нејзиното внатрешно право, да усвои, да ги задржи и да ги зајакне системите кои фаворизираат транспарентност и спречуваат конфликт на интерес. Од причини што оспорената одредба во однос на функционерите очигледно дозволува исклучок од забраната за корупција и судир на интереси, на овој начин не се зајакнува востановениот систем со кој тие две негативни појави се спречуваат, па оттука оспоредните одредби не се во согласност ниту со прифатените меѓународни договори. Ваква двојност во извршување на функции е спротивна на европската пракса и не постои во ниедна земја членка на ЕУ, во која и Република. Македонија претендира да влезе.

Поради сето горе изнесено Уставниот суд на Република Македонија, односно судијата Осман Кадриу наместо да постапи во остварување на начелото на уставната правда во македонското општество, да ја провери уставноста на наведените одредби од Законот за високото образование на РМ (Службен весник на РМ бр. 82/2018), кои произведуваат висок тензичен однос меѓу правото и политиката, бидејќи недвојбено се спротивни на Уставот на Република Македонија и по спроведената постапка, согласно Уставот и Деловникот на Уставниот суд, наместо да донесе одлука со која, истите ќе ги поништи или укине, тој предметот го прикрива. Само да го потсетам, кога се именуваше за уставен судија годподинот Кадриу изјави: „ Да се биде уставен судија е привилегија, но ова функција носи голема одговорност…“ или „ Преку овој суд се остварува државниот, општествениот и граѓанскиот интерес. Да се штити правниот и уставниот поредок, тоа значи да се сака Уставот, а да се сака Уставот, значи да се сака државата“.

Е па ајде господин уставен судија постапувај, по Уставот, не само декларативни изјави, постапувај практично. Ако стварно како што изјавуваш ја сакаш Македонија да биде правна држава.

[1] Како такво, оваа појава е дефинирана во Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси (Сл.весник на РМ бр. 19/2019) како: „корупција во вршење на јавни овластувања„ (член 44) и соодветно санкционирана.

ЃОРЃИ ИЛИЕВСКИ виш просветен инспектор