Ѓорѓи Илиевски, вишиот просветен инспектор и раководител на одделението за инспекциски надзор во високото образование, научните институти, ученичките и студентските домови ќе биде распределен на пониско работно место, односно деградиран. Ваква одлука донесе директорот на Државниот просветен инспекторат, Томе Спировски, откако дисциплинската комисија му ја предложи оваа мерка бидејќи Илиевски сторил прекршок – пренесува „Факултети.мк“.
Од Државниот просветен инспекторат одговориле дека дисциплинската комисија утврдила дека Илиевски сторил прекршок и со тајно гласање донела одлука со предлог за изрекување на дисциплинска мерка против него која гласи: „Распределување на работно место во непосредно пониско место“.
– Директорот истата ја прифати и донесе решение административниот службеник Илиевски да биде распределен во непосредно пониско работно место. Решението се доставува на домашна адреса на административниот службеник. Истото содржи и правна поука, доколку административниот службеник сака да го обжали до второстепен орган– соопштиле од Државниот просветен инспекторат.
Од инспекторатот не добивме одговор каков прекршок сторил Илиевски, а ниту тој знае, бидејќи сѐ уште не го добил решението од дисциплинската комисија, иако одлуката ја донесоа на 12 јули (петок). Илиевски исто така нема добиено решение за дисциплинската казна која му ја одредил директорот Спировски.
– Никакво решение не ми стигнало на домашна адреса. Ниту од дисциплинската комисија, ниту ова за моето деградирање. Од вас слушам за ова. Секако дека ќе ја обжалам оваа одлука, како и начинот на кој беше водена целата постапка од страна на дисциплинската комисија–вели Илиевски.
Инаку, од инспекторатот не прецизираат на која позиција ќе биде распределен Илиевски, но едно скалило подолу според систематизацијата на работните места е советник-државен просветен инспектор. Илиевски сега е раководител на одделението за инспекциски надзор во високото образование, научните институти, ученичките и студентските домови.