„Чорба за пеевче… А, каде? Нигде, ама добро звучи…“
пишува: Костадин ТАСЕВСКИ
Човечки е секој од нас да се надева, нормално на подобар живот… иако тоа може да изгледа и многу наивно. Секој од нас очекува светла иднина, иднина во која генерациите што доаѓаат би можеле да ги остваруваат своите соништа во својата родна земја. Да градат, да создаваат во неа и нормално да се гордеат со тоа што се потекнуваат од некогаш славното Царство на Александар Македонски.
По долги години се појави таа искра на надеж, се почувствува во воздухот дека и ние Македонците имаме нешто со кое можеме да се гордееме. Се отворија многу можности за сите граѓани, па очекувањата станаа многу големи.
И така после 26 години од независноста на Македонија, Бог црпна едно дете од струмичките ниви… дете, кои тројцата наречници го промовираа во премиер.
„Спасителот“ цапна на црвениот тепих и почна се од ново. Ветуваше се и сешто, се колнеше во своите деца дека додека го дише македонскиот воздух нема да помисли да го промени името на својата татковина, дека нема да чепка во македонската историја, дека идентитетот ќе биде „бетониран“, дека ќе добиеме и европска и НАТО интеграција, дека…
И што „дека“… од сето тоа, во досегашниот дел од мандатот успеа е да го промени името Република Македонија, Македонците да ги направи граѓани без корен, да ни воведе дополнителна акциза за дизелот, да направи што е можно повеќе патарини, да ги зголеми даноците итн., а за волја на вистината, мора да се спомне и укинатата радио-дифузна такса, преку која, за само 170 денари месечно, не можеме да се радуваме на успесите на Вардар, на Македонските репрезентации…
Дури и Алиса да ја бараше земјата на чудата, дефинитивно ќе го земеше Зоран Заев за премиер.
Владата и Зоран Заев знаат во каква замка ја внесе Македонија и дека свесно продадоа се што можеше да се продаде. Ни остана само тоа дека можеме се од почеток, повторно останавме само на надежта. Бидејќи последна умира, нели?
Сепак, понижувањето на нас Македонците, вечно ќе ни остане.
Она што Зоран Заев ревносно го гарантираше беше брзата интеграција во евро-атлантското семејство и бетон идентитетот, за после само една година од неговото доаѓање на власт, тоа да биде условено само ако се смени името на државата и уставот.
И самот тој си призна дека нема широка поддршка од народот за тоа, па како што вели во времето кога го преговарал Договорот од Преспа и во моментот на потпишување на истиот имал само 17 % поддршка од граѓаните за новото име Република „С“ Македонија.
И за да ја намали дупката во довербата, реши да распише „консултативен“ референдум… Замислете, да се консултира со народот, за работа која веќе беше потпишана.. Да се чуди човек.
Како и да е, сепак прашањето е зошто оваа анкета не ја направи пред да биде потпишан договорот? Веројатно уште многу порано знаел дека поддршката е помала и од набилданата од 17%.
Па така, иако македонскиот Устав не препознава „консултативност“ во референдумското изјаснување на граѓаните, сепак си организираше таква „манифестација“, па си доби црвен картон од народот. ДИК прогласи неуспешен референдум.
Сепак, неговата задача дадена од „тројцата наречници“ беше да го спроведе тоа што им го ветил ним. Единствено нешто што му остана беше тоа да го стори преку Собранието. И тоа го стори. Успеа некако, со судни маки, да го промени Уставот, собирајќи 80 пратеници и давајќи им поголем суверенитет од оној на оние 2 милиони граѓани кои го отфрлија прашањето на референдум.
Значи, да резимираме, 80 е поголемо од 2 милиони… Да, тоа е таа математика на лицето кое ни го бетонираше идентитетот и кое треба да не издигне економски.
И така, после тој „свечен“ момент, започна „рајот“ или „животот“ како што умее самиот Заев да каже. На удар се повеќе почна да се наоѓа македонската историја и идентитет, со разните дополнителни барања на соседите, нормално надвор од фамозните „добрососедски“ договори.
Проблемите се продлабочија, преговарачки позиции повеќе и да немаме, остана само уште оваа власт да не прогласи за протекторат (официјално) и „чесно“ да се збогуваме. Па дури и ако комисиите ги поништат одлуките кои веќе се донесени, тоа нема да го реши проблемот.
Меѓутоа, има една стара комуњарска, пред не така одамна кажана од фронтменот на владеачката партија „Чуму ти е идентитет, кога џебот ти е празен“… Тоа се тие вредности.
Меѓутоа ЕУ не сака такви вредности, не сака ни држави во кои нивната влада не си го почитува сопствениот народ, култура и традиција. Ниту пак сака влада која на измама добила власт, која е полна со коруптивни скандали, рекети и „приватизирано“ судство… Затоа за датумот ќе си почекаме… и тоа малку подолго…
Затоа, верувам дека не е излезена за џабе онаа која стално ја кажуваат маалските фраери… „треба да си упорен, а не убав“ и движејќи се во таа насока, „ние“ упорните, знаевме дека нема да дојде „ЖИВОТ“ во Македонија од „аболицираниот“. И за крај, знаејќи дека на светецот од Муртино му остана уште неполна година, се надевам дека светлото од крајот на тунелот конечно ќе се види.
И да, ќе го бакнам пенкалото после гласање…