Министерот за здравство Венко Филипче вели дека се следи внимателно ситуацијата со бројот на заболени во Куманово и наглото ширење на корона вирусот, но оти засега нема да бидат преземени дополнителни заострени мерки за контрла на движењето во градот.
– Нашите анализи, проценката на контактите на сите овие луѓе кои се новозаболени, како контактирале со нивните примарни контакти укажуваат на тоа дека засега не треба да се заоструваат мерките. Ја пратиме ситуацијата секојдневно, се анализираат случаите која била релацијата и местото на живеење. Тоа интензивно на терен го работат епидемиолозите. Така што можно е да се донесат и нови мерки, но не засега, заради тоа што овие рестрикции во движењето, полицискиот час, одвојувањето на двете ризични групи преку ден до 12 и после 13 часот, сметаме дека се доволни мерки – смета министерот за здравство Венко Филипче.
Тој апелира до граѓаните од Куманово, како и сите други граѓани во земјата, да ги почитуваат сите пропишани мерки и препораки со цел земјата да се справи со ширењето на корона вирусот. Рече дека засега не се размислува за засилување на мерките и оти МВР и инспекторатите се постојано на терен во контрола на спроведувањето на постојните мерки.