Македонија 28. февруари 2019. / 16:19

И МАН го осуди непрофесионалното однесување на Орданоски кон Мицкоски

И МАН го осуди непрофесионалното однесување на Орданоски кон Мицкоски

Македонската асоцијација на новинари го осуди новинарот Сашо Орданоски кој на вчерашното интервју со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, ги прекрши медиумските закони и новинарските кодекси.

– МАН смета дека се прекршени сите правила на професионално однесување и известување, како и сите етички норми во Кодексот за известување, пропишани од новинарските здруженија во синоќешната емисија “Печат на неделата” на уредникот и водител Сашо Орданоски на 1ТВ, во која гостуваше претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. – се вели во реакцијата на МАН.

Од МАН сметаат дека новинарот има право слободно да се изразува и има право на изразување лични ставови во форма на несогласување согласно Член 11 од законот за медиуми, но агресивното и скандалозно бранење на политички ставови, истовремено проследено со обвинувања и дискриминација заради поинакви политички уверувања, прекршување на начелата за почитување на достоинството на личноста, пресумпција на невиноста, објективно и непристрасно прикажување на настаните со еднаков третман на различните гледишта и мислења е спротивно на Член 48 и Член 61 од Законот за аудио и аудиовизуелни и медиумски услуги.

Откако АВМУ јавно го осуди Орданоски, МАН повикува оваа Агенција да ги преземе сите потребни мерки кон 1ТВ.

– Ги потсетуваме сите новинари, водители и уредници дека имаат законска обврска за балансирано известување и однесување не само за време на изборни кампањи, туку секој ден во годината. Особено кога реформите во медиумите се дел од оценката за добивање датум за почеток на преговорите со ЕУ. – стои во соопштението на МАН.