Парламентарните избори да се одложат, а во работата на Владата да се вклучат експерти, бараат од Демократскиот сојуз.
Демократскиот сојуз оценува дека мерките кои се преземаат, граѓаните и компаниите во целост ги почитуваат. Целосната имплементација на насоките, препораките и одлуките на Владата за спречување на ширење на Корона вирусот – Ковид 19, гарантираат забавување на ширење на епидемијата и намалување на последиците по здравјето на граѓаните. Врвен приоритет е здравствениот систем да функционира, како и производството во целина, посебно на храна, лекови, вода, енергија и сл. Парламентарните избори да се одложат, а во работата на Владата да се вклучат врвни експерти. Доколку досегашните мерки ги даваат очекуваните резултати, да не се воведува вонредна состојба. Кризна состојба да се определува таму кадешто ќе биде неопходно.
ЛДП повикува изборите да се презакажат за октомври
Либерално-демократската партија ги повикува политичките партии на утрешната лидерска средба да ги одложат парламентарните избори кои треба да се одржат на 12-ти април и да закажат нов термин за месец октомври. ЛДП ги повикува сите партии да се водат пред се од интересот на здравјето на македонските граѓани и да ја донесат оваа единствено исправна одлука кој во моментов е значајна.
Како партија, ние, го предлагаме месец октомври како единствено реален датум за одржување на парламентарните избори бидејќи покрај справувањето со заканите по здравјето на граѓаните од корона вирусот (COVID-19), следно ќе биде справување со економските последици и преземање на мерки во таа насока со контигентен план за фискалните мерки, велат од ЛДП.
Алтернатива: Здравјето на граѓаните – позначајно од изборите
Во време кога целиот свет презема мерки за спречување на инфекцијата на луѓето од вирусот COVID – 19, и АлтернАтивА – како политичка партија која повеќе од секој друг интерес го има интересот на граѓаните – смета дека предвидените избори за 12 Април 2020 треба да се одложат за еден друг термин, кој ќе биде одреден од сите политички партии во земјата, велат од Алтернатива.
Денес, кога сите сме загрижени за животите на нашите граѓани, нема никаква смисла да се одржи изборна кампања, дотолку повеќе што во овие денови за нас, повеќе од било когаш, за нас е важна солидарноста и кохезијата.Поаѓајќи од ова, АлтернАтивА и во лидерската средба ќе стои на ставот дека изборите треба да се одложат и да се одржат во нормални услови, информираат ид Служба за односи со јавноста на АлтернАтивА Скопје.
Движењето Беса е за избори по елиминирањето на вирусот Ковид-19
Здравјето на граѓаните е поважно од секоја политичка калкулација, соопшти Движењето Беса, наведувајќи дека тие како политички субјект се придружуваат на повикот за одлагање на изборите за некој друг посоодветен период. Во соопштението на Движењето Беса се нагласува дека парламентарните избори треба треба да се одржат тогаш кога целосно ќе биде елиминирана опасноста од вирусот Ковид-19.
– Нашата најголема победа е обезбедување на здравјето на граѓаните. Апелираме до сите граѓани да се придржуваат кон препораките на здравствените институции и заеднички да помогнат во изолирање и целосно елиминирање на оваа пандемија, велат од Движењето Беса.