Камерата од домот на Бојан Јовановски алијас Боки 13, што тој ја спомена на почетокот на судскиот процес за аферата „Рекет“ се наоѓа во доказниот материјал со потврда за одземени предмети.
Ова за Лидер.мк го потврди адвокатот Сашо Дуковски.
Камерата се наоѓа на форензичко вештачење. Боки 13 ја спомена со тврдење дека од неа ќе може да се види кој ги земал и каде завршиле парите од фамозната чанта „Луј Витон“.
Останува нејасно дали во меѓупериодот од настанот до отворањето на аферата и одземањето на камерата Боки 13 успеал да направи копија од оригиналната снимка, што може да се покаже како круцијален доказ во натамошната постапка. Ако тоа не го сторил, остануваат сериозни сомнежи за судбината на снимките.