Македонија 16. јули 2019. / 15:35

И Ацо Кабранов ја напушта телевизијата на Боки 13

И Ацо Кабранов ја напушта телевизијата на Боки 13

Уредниците од 1ТВ, чиј неформален сопственик Бојан Јовановски, Боки 13 вчера беше уапсен и доби 30 дневен притвор поради перење пари и примање награда за противзаконито влијание, се оградуваат од последните случувања и сомнежите за криминал.

Главниот уредник Ацо Кабранов во изјава за „А1он“ потврди дека си заминува од телевизијата.

Кабранов вели дека ја напушта телевизијата поради здравствени причини, а не поради вчерашниот скандал.

– Сакав да направиме проект и сметам дека бевме успешни. Договорот со 1ТВ го потпишував секој месец, но следниот нема да го потпишам. Не поради целата работа што се случи, туку од здравствени причини. Јовановски не се мешаше во уредувачката политика, известуваме според професионални стандарди. Не сум човек кој заради својата комоција ќе се води по интересите на газдите. Никогаш не сум го правел тоа, ниту пак овде, да злоупотребувам колеги за нечии интереси. – вели Кабранов.

Претходно и Јадранка Костова потврди дека ја напушта телевизијата, со тоа што и истече авторскиот договор преку кој беше ангажирана.