Скандалот кој минатата недела го откри „Економски Лидер“, во кој беа објавени докази за 9 доделени државни тендери со вкупна вредност од околу 90.000 евра на фирма во која еден од сопствениците е сопругата на заменик министерот за Животна средина Јани Макрадули, се чини целосно го освои вниманието на јавноста во Македонија за празниците.
пишува: Љупчо ЗЛАТЕВ, уредник на „Економски Лидер“
Веста беше реобјавена од сите релевантни медиуми во државава, дел од медиумите ни го признаа макотрпниот истражувачки труд и не цитираа, но дел од нив (претежно телевизиите) одлучија нашите податоци да ги прикажат како свои.
Нормално, јас како автор на тоа истражување не им се лутам и ги поттикнувам и во иднина да го прават истото, затоа што како медиум многу ни е поважно темите од јавен интерес кои ги откриваме да стигнат до пошироката јавност отколку да се китиме со некакви новинарски перја. Ние живееме за јавноста и од јавноста а не обратно.
Додека здраворазумската јавност (од лево и десно) на наодите реагираше жестоко, заменик министерот Макрадули на нив одговори со „Јас не и се мешам на мојата сопруга во бизнисот!“ и „Мојата сопруга има право да добива државни тендери, нив не сум и ги дал јас туку други институции!“.
Притоа, господинот Макрадули се заплетка во правдањето па ја споменуваше 2010 како година во која „ОПЕН МАЈНД СОЛУШНС“ ги добила тендерите, иако датумите на сите 9 потпишани договори се за време на владеењето на актуелната власт.
Морам да признаам дека се работи за многу невешт и смешен начин на правдање, за кој во било која европска земја политичарот би бил расчеречен од медиумите. Оваа негова реакција изгледаше нешто слично на следната замислена сцена: Маја Макрадули на дело го фаќа Јани Макрадули со неговата асистентка со смикнати гаќи а тој и одговара „Ова не е тоа што мислиш!“.
Европа нема да ја земеме како пример, премногу е далеку од било кој стандард кој ние го имаме, но да го погледнеме нашето балканско соседство кое има барем малку поголемо европско искуство од нас.
Многу сличен (додуша и помал) скандал како овој на Макрадули во 2016 се случи во Хрватска. Имено, медиумите таму открија дека сопругата на тогашниот вицепремиер Томислав Карамарко примила 60.000 евра од компанијата на лобист на унгарската нафтена компанија МОЛ, која тогаш очекуваше одредени бенифиции од владата.
Парите ги примила преку нејзина фирма, со легално заверен договор за консултантски услуги за енергетика со месечен паушал од 2.500 евра. Значи, Ана Шариќ – Карамарко за разлика од Маја Трендафилова – Макрадули не примила пари од државата Хрватска, туку од приватна компанија која си има работа со државата – што е дело за кое мора да признаеме дека е далеку помал непотизам и корупција од овој на Макрадулица.
Во исто време сопругата на Карамарко, примила 30.000 евра помалку од сопругата на Макрадули. Скандалот таму е очигледно далеку помал од скандалот овде но и покрај тоа веднаш по обелоденувањето Томислав Карамарко си поднесе неотповиклива оставка од вицепремиерската позиција и до ден денес не може политички да се рехабилитира!
Тука се си тече најнормално, како ништо да не се случило. Наместо одговорност гледаме ароганција до ниво да се навредуваат сите кои нешто кажале за темата. Јас сум тепано магаре и воопшто не му забележувам на Јани што ме нарече „злонамерен“, затоа што во суштина јас не кријам дека сум злонамерен кон сите оние кои безмилосно ја користат својата политичка позиција за нивните семејства да профитираат на сметка на даночните обврзници. Но, Јани на Твитер нападна и други луѓе, како професорката Јасна Котеска со која се однесуваше како тој, чија фамилија лапала 90.000 евра народни пари – да е обесправениот – а ние, во суштина ограбените даночни обврзници да сме тие кои вршат некакво насилие кон неговото семејство.
Оваа сцена што ја гледам во однесувањето на Јани, пред извесен период еден пријател ми ја објасни како општо однесување на актуелната власт. Луцидно мојот пријател вели „Те газат, додека те газат им се кине ѓонот на чизмата и потоа те тужат затоа што им се скинала чизмата!“.
Мораме до крај да бидеме искрени, ова не е никаква новост во Македонија. Проблемот е што македонскиот политички HOMO SAPIENS веќе еволуираше во друга форма на битие кое не се одликува со инстинкт на преживување, ниту инстинкт на општествено одговорно делување туку исклучиво со инстинкт за ограбување: Прави злодело, а кога ќе го фатат ги обвинува другите.
Ова ново битие, можеме слободно да го крстиме HOMO MAKRADULIKUS, како најарогантен и најбрутален егземплар. Можеби кога ќе се прекрстиме во Република Северна Македонија во УНЕСКО прво треба да го заштитиме овој Северномакедонски биолошки феномен!