Македонија 05. февруари 2021. / 17:14

Ходаи: Ако нашите барања не поминат во Собрание ќе ги земеме шаторите и ќе спиеме пред МОН

Ходаи: Ако нашите барања не поминат во Собрание ќе ги земеме шаторите и ќе спиеме пред МОН

Лидерот на средношколскиот Сојуз, Бленди Ходаи, во разговор за „Слободен печат“, изјави дека средношколците немаат заеднички јазик со МОН и со министерката Царовска, и дека поради тоа испратиле писмо до Собранието за намалување на бројот на предметите за полагање на државна матура.

– Од средбите со пратениците ние сме сигурни дека ја уживаме поддршката на над 70 пратеници од Законодавниот дом. Нареден чекор кој ќе го преземеме е да се свика Пленарна седница, каде ќе треба да се гласа предлог законот за промените во однос на Државната матура во законот за средно образование, истакна Ходаи.

Лидерот на Сојузот вели дека матурантите се надеваат оти најдоцна до крајот на месецот нивното прашање ќе се најде на дневен ред во Собранието и ќе донесат бараните измени за полагање на државна матура за оваа учебна година.

– Правиме напори на 16 февруари државната матура да биде точка на дневниот ред во Собранието, а доколку не се случи тоа сигурни сме дека до крајот на месецот овие измени, односно намалување на бројот на предмети ќе се реализираат, вели Ходаи, кој додава дека сите политички партии ги поддржуваат, освен владејачката СДСМ, но изрази надеж дека и со оваа партија во наредните денови ќе успеат да се договорат.

Во врска со бојкотот, Бленди истакна дека тој сега е ставен во мирување, бидејќи не сакаат да губат од часовите и се подготвуваат за државна матура со два предмети, но потенцираше и дека истиот ќе продолжи доколку не бидат исполнети барањата.

– Бојкотот не е целосно прекинат, бидејќи ние нема да бојкотираме до Пленарната седница, кога ќе се знае дали ќе бидат прифатени нашите барања. Ако тоа не се случи, тогаш ние ќе се радикализираме со активностите кои ќе ги преземеме. Тоа значи дека ќе направиме протест ширум државата, ќе ги земеме шаторите и ќе спиеме пред МОН се додека нашите барања не се прифатат од нивна страна, нагласи Бленди.