Владата на седница одржана на 15 декември го разреши в.д. директорот на Казнено-поправната установа Скопје, Есад Рахиќ, а за нов директор го назначи Филип Андов, советник на премиерот Заев, кој претходно работел како менаџер на локални барови.
Во изминатиот период беше разрешен и директорот на Воспитно – поправниот дом Волковија на негово барање, а за нов директор беше назначен Даниел Антовски, кој претходно работел како наставник.
Директорот на установата и неговиот заменик ги именува и разрешува Владата на предлог на директорот на Управата. Потребните услови кои треба да ги исполнува едно лице за да биде назначено за директор или заменик директор на казнено-поправна установа се таксативно набројани во Законот за извршување на санкциите, а како еден од дополнителните услови е лицето да има најмалку седум години работно искуство, од кои четири години во областа на извршувањето на санкциите или сродни работи.
Истражувачката репортерска лабараторија Македонија информира дека Филип Андов, кој е назначен за нов директор на КПУ Скопје, претходно бил советник на премиерот Заев за креирање на политики кои се од посебен интерес на граѓаните на Град Скопје, додека паралелно тој професионално работел и како стопанственик во бизнис секторот.
Оттука, се отвора прашањето дали компетенциите на новоизбраните директори одговараат на висината на задачата, а тоа е раководење со една од најголемите казнено-поправни установи и со единствената воспитно-поправна установа во државата. Лицата кои раководат со овие установи мора да имаат претходно искуство во областа на извршувањето на санкциите. Тие мора добро да ја разбираат проблематиката за да ја застапуваат установата, да се грижат за унапредување на правата на притворените и осудените лица, да одлучуваат за нивните погодности и обврски, за нивниот третман и работен ангажман со цел ресоцијализација и нивна понатамошна социјална интеграција во општествениот живот, се вели во соопштението на Хелсиншкиот комитет за човекови права и Македонското здружение на млади правници.
Тие апелираат, ваквите раководни позиции во казнено-поправните установи да бидат раководени од компетентни луѓе со експертиза и искуство во затворскиот систем, кои се сензибилизирани за унапредување и заштита на основните човекови права на осудените и затворените лица.
Поставувањето на несоодветни кадри е сосема спротивно на ваквите заложби и може да доведе до уназадување, наместо до унапредување на пенитенцијарниот систем во земјава, се додава во соопштението.