Македонија 15. јануари 2019. / 13:04

Хан за МИА: Очекувам Договорот од Преспа да мине во грчкиот Парламент

Хан за МИА: Очекувам Договорот од Преспа да мине во грчкиот Парламент

Се надевам дека последните случувања во Грција нема негативно да се одразат врз Договорот од Преспа и дека тој ќе мине во грчкиот Парламент, вели меѓудругото еврокомесарот Јоханес Хан во интревју за МИА. Тој потенцира дека спорот за името не е единствениот услов за почеток на преговорите со ЕУ и препорачува фокусот да се стави врз реформите, а не на можни предвремени избори.

Во интервјуто Хан говори и за бегството на поранешниот премиер Никола Груевски, настан, што според него, отвора сомнеж за можна вмешаност на соседните држави.

На прашањето дали Преспанскиот Договор е во опасност со последните случувања во Грција, Хан вели дека одлуката што треба да ја донесе грчкиот Парламент е, се разбира, суверена одлука. Но, се надева и верува дека последниот чекор во решавањето на овој долготраен спор може да се постигне бидејќи толку многу напори беа вложени. Овој договор е од бенефит за целиот регион, вклучително и земјите членки на ЕУ и се разбира посебно Грција, вели Хан.

Дали Европската комисија бара уверување од грчката страна дека договорот ќе биде усвоен?

Не, бидејќи ги следевме изјавите од Атина и до пријателите во Скопје, така што не гледаме потреба да се мешаме. Според мене работите одат во вистинска насока, изјави Хан.

На прашањето што ако Договорот не мине во Грција, Хан одговори дека не шпекулира за вакви работи, уверен е дека луѓето ја користат оваа прилика затоа што ова е и во корист на Грција и се разбира во корист на, се надева, идната Северна Македонија. Но и во корист на целиот регион. Ова создава повторно позитивна динамика за целиот регион. Видовме веднаш по првото гласање во преспанскиот процес дека дијалогот меѓу Белград и Приштина доби нова енергија. За жал, овој развој не беше одржлив и сега сведоци сме на ќорсокак. Сепак, очекувам слични ефекти  по ова гласање. Сите кои се инволвирани во ова прашање имаат бенефит од позитивен исход, и затоа сум многу уверен дека конечно ќе се случи, одговарил Хан.

Целото интервју можете да го прочитате ТУКА.