Македонија 31. октомври 2018. / 20:11

ГСОЛ/ Еуроникел: Тасева го прекрши Законот за заштита на лични податоци

ГСОЛ/ Еуроникел: Тасева го прекрши Законот за заштита на лични податоци

Во својата желба и понатаму еднострано да упатува критики и обвиненија на погрешна адреса, кога станува збор за случајот ФЕНИ, денес повторно сме сведоци како Слаѓана Тасева ги крши основните принципи за кои се залага Транспаренси Интернешнл, и уште поважно прекрши сериозни човекови права, кои се заштитени со закон, како во Македонија, така и на меѓународно ниво, соопшти ГСОЛ/ Еуроникел.

– Токму според законот за заштита на лични податоци, Тасева треба да знае (и да го применува законот) дека со објавување на документи во јавност, има обврска да ги отстрани личните податоци на индивидуални лица. Заради овој сериозен прекршок направен од страна на Тасева, двете лица кои се споменати во документите објавени од страна на Транспаренси ќе поднесат прекршочна пријава според член 9 од Законот за заштита на лични податоци– соопшти ГСОЛ/ Еуроникел.

Оттаму наведуваат дека не се знае дали Тасева навистина следи што се случува во, случајот ФЕНИ со оглед на тоа дека во текот на вчерашниот ден беше доставен ревидираниот план за реорганизација според насоките на Апелацискиот суд. Ова не е првпат Тасева, да си поигрува со информациите и притоа да не ја презентира и втората страна во случајот,  стои во соопштението. Поради тоа веќе поднеле тужба за клевета во Основниот суд во Скопје за изнесените наводи на прес конференцијата каде Тасева, наводно повторно спротивно декларираните принципи на Транспаренси Интернешенел, се ставила себеси во функција на еден правен субјект, без воопшто да го земе предвид целокупниот контекст.

– Се надеваме дека оваа тенденција на еднострано застапување не е политика на Транспаренси Интернешнл, бидејќи во случајов недостасува зборот транспарентност во нивните постапки. Вредностите на Транспаренси Интернешнл за кои организацијата се залага се транспарентност, одговорност, интегритет, солидарност, храброст, правда и демократија, и Тасева во нејзината функција треба да стои во одбрана на сите овие принципи и примена на словото на законот– стои во соопштението.