Претседателот на Комисијата за европски прашања на Собранието, Артан Груби го прими директорот за ЕУ и билатерални односи со земјите од Западен Балкан во италијанското Министерство за надворешни работи, Џузепе Бучино, кој престојува во земјава.
На средбата од страна на Груби, акцент беше ставен на заложбите на владината коалиција и парламентарното мнозинство за реализација на надворешно – политичките приоритети на земјава, отпочнувањето на пристапните преговори со ЕУ и добивањето на покана за членството во НАТО.
На средбата се разговараше и за регионалната соработка и напорите на нашата земја во насока на унапредувањето на односите со соседите, особено во контекст на изнаоѓање на достоинствено решение со нашиот јужен сосед во врска со проблемот со името. „Никогаш не сме биле поблиску до решение”, изјави Груби, при што изрази оптимизам за наредниот период кој следи во врска со преговорите кои се во тек меѓу двете страни.
Соговорниците разменија мислења и околу неодамнешниот Извештај на Европската комисија за напредокот на Република Македонија и безусловената препорака за отпочнување на пристапните преговори со ЕУ. Груби ја потенцираше официјалната констатација од ЕУ дека политичката криза е завршена и дека земјата е вратена на евроатлантската агенда. Тој искажа подготвеност за продолжување на реформите и унапредување на степенот на подготвеност за водење на процесот на преговори, воедно изрази благодарност за конзистентната поддршка која земјава ја добива од Италија во процесот на пристапување во ЕУ.
Џузепе Бучино искажа увереност и спремност за натамошно унапредување на блиските релации меѓу Македонија и Италија, преку континуирано зајакнување на соработката во сите сфери од заеднички интерес. Двајцата соговорници ги потврдија одличните билатерални односи на двете земји, изразувајќи заемна подготвеност за нивно натамошно унапредување и продолжување на политичкиот дијалог на највисоко ниво.