Македонија 27. јули 2018. / 10:34

Граѓаните ќе ги добиваат пасошите на врата

Граѓаните ќе ги добиваат пасошите на врата

Министерството за внатрешни работи прави анализи на целокупниот процес за вадење лични документи, на телефонското закажување на терминот што сега се спроведува преку приватна фирма, на можноста целата оваа активност да ја преземат службите на МВР, со цел процесот да се забрза, поедностави, но и да биде финансиски поисплатлив, а се работи и на тоа патните исправи граѓаните да ги добиваат на домашна адреса.

– Закажувањето за вадење лични документи е сериозен проблем, имајќи предвид дека е направен договор со фирма, која го има кол центарот за вадење лични документи. Ова е затекната состојба. Тоа е добра идеја, која функционира во поголемите градови – рече вчера министерот Оливер Спасовски и додаде дека група во МВР работи на анализи во насока Министерството да ја преземе оваа активност.

Нагласи дека премногу пари и финансиски средства се одлеваат во приватна фирма, и додаде дека врз основа на анализите ќе биде дефиниран соодветниот начин и метод како целата оваа активност да биде преземена од МВР.