Македонија 02. октомври 2018. / 19:18

Градоначалникот шверцер по излегувањето од затвор повторно ќе биде градоначалник

Градоначалникот шверцер по излегувањето од затвор повторно ќе биде градоначалник

Првиот човек на Ново Село, Боро Стојчев, познат по прекарот Боро-Малборо, кој летово беше фатен како шверцува околу 3.300 штеки цигари преку македонско – бугарската граница, пак ќе се врати на градоначалничката функцијата. За три месеци, по отслужување на казната затвор, тој ќе продолжи да раководи со општината.

Ова го предвидува законот за локална самоуправа, кадешто во член 54 стои дека мандатот му престанува ако е осуден на казна затвор над шест месеци. Според тоа, до крајот на годината Стојчев ќе биде на слобода и ќе може да го продолжи градоначалничкиот мандат. Доколку не се намалеше казната затвор за Стојчев, во Ново Село требаше да се одржат нови локални избори.

Апелацискиот суд во Штип одлучи казната затвор од 18 да му се намали на шест месеци, а струмичкиот суд ја потврди оваа одлука. Намалување на казната затвор добија и неговиот син и внук, како и петтообвинетиот. Сите тројца имаат по три месеци затвор и за некој ден ќе бидат на слобода.

Нема промени во казната за сопругата на Стојчев којашто поради здравствени причини доби условна казна во траење од две години.

Стојчев со потесното семејство беше фатен на почетокот од јули во обид да пренесе цигари преку див граничен премин на македонско-бугарската граница. Полицијата го уапси кај напуштеното село Бадилен.